На дванаесетмина медицински сестри и болничари од клиниката за уво нос и грло прекинат им е договорот на дело

13.03.2018 | 18:29
Прочитано: 6616

Гордана Јаневска Мишокова во осмиот месец од бременоста остана без работа. По три години работа на Клиниката за уво нос и грло како медицинска сестра, вчера и било сооштено дека договорот на дело, кој и важи до 1-ви јуни, и се прекинува. Освен Гордана догoворот им е прекинат на уште единаесет други медицински сестри, болничари и средно медицински персонал од истата клиника.

Според нивните тврдења, директорот на Клиниката – Јане Нетковски вчера ги викнал на состанок и усно им рекол повеќе да не доаѓаат на работа. Притоа не добиле никаков документ односно отказно решение, а им било соопштено дека одлуката била донесена на управен одбор, со образложение дека договорите им биле незаконски и тие нелегално работеле на клиниката досега.

„Ние сме волонтери или работиме на договор на дело – 6 месеци. Договорите ни истекуваат на 1-ви јуни, меѓутоа сега предвремено. Не потпишавме никаков документ само ни рече одете си, ако имаме потреба ќе ве контактираме и ќе ве вратиме на работа. Мене нема да ме вратат бидејќи сум 8-ми месец бремена, но за останатите колеги ќе чекаат на тоа дали ќе бидат викнати или не.“ - Гордана Јаневска Мишокова – Медицинска сестра на Клиника за уво нос и грло.

Освен што не добиле никакво  писмено отказно решение, остануваат и без фебруарската плата. Според нивните објаснувања, откако дошол новиот менаџмент на клиниката, одлучил да не ги исплати поради тоа што договорите им биле невалидни. Правата велат ќе си ги бараат до крај.  Бараат од клинката да им даде отказно решение и исплата на фебруарските плати.

„Единствено што сме инвалидизирани во моментов е затоа што не можеме да го добиеме тој документ на кој ќе биде нагласено дека директорот е тој што ги раскинува договорите, а не ние вработените. Оштетени сме и поради тоа што нема да бидеме исплатени за месец-фебруари, со изговорот дека договорите ни се нелегални и невалидни и автоматски директорот немал право да потпише за исплата. Ние за месец фебруари кажано ни е дека нема да бидеме платени. Затоа сакаме и ние да дознаеме што се крие зад сето ова и да добиеме објаснување што ќе држи бидејќи, ова е небулозно.“ - Маја Јандриевска – медицинска сестра на Клиника за уво нос и грло.

Директорот на клиниката за уво нос и грло, Јане Нетковски денеска одлучи да молчи. Тој не одговори на нашите пораки и повици. Од министерството за здравство, пак велат дека договорите на сите ангажирани лица биле незаконски спроведени и без претходна согласност од Министерството за финансии. Сепак со оглед на тоа што Клиниката има потреба од кадар, откако ќе добијат согласност од министерството за финансии ќе ги вратат на работа.

„Клиниката има потреба од овие лица и тие совесно и професионално си ги извршуваат своите работни задачи. Од тие причини, веќе се доставени барања до
Министерството за финансии за издавање на согласност за ангажирање лица по договор на дело, со што ќе се биде испочитувана законската регулатива. Овие лица се обучени и докажани во својот делокруг на работење и по обезбедување на согласностите, истите лица ќе бидат повикани за склучување договор за ангажирање на Клиниката Напоменуваме, Министерството за здравство е во постојан контакт со Министерството за финансии, со цел што побрзо добивање на согласностите.“- велат од Министерство за здравство.

Од министерство за здравство велат дека се во постојан контакт со министерството за финансии со цел што побрзо добивање на согласност. Овој случај доаѓа во период кога речиси сите јавно здравствени установи се соочуваат со недостаток од средно медицински персонал, поради што голем број на одделенија остануваат и затворени.


Ивана Стојкова
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.