Мнозинството ја изгласа првата фаза од законот за прислушување и за „ОТА“

18.01.2018 | 20:55
Прочитано: 2185

Законите за внатрешни работи, полиција, формирање на Оперативно техничка агенција и законот за следење на комуникациите добија зелено светло од пратениците да се најдат на второ читање откако ќе ги поминат задолжителните комисиски расправи.

Министерот за внатрешни работи ги образложи законите пред пратениците и рече дека е најдено оптимално решение кое ќе ја гарантира безбедноста, но и ќе гарантира дека нема да се кршат човековите права и да се злоупотребува системот за следење на комуникациите.

„Едната е целосна реализација на одредбите од уставот од законоите на Македонија и од меѓународните ратификувани договори за заштита на човековите права и слободи и вториот е забрана за нелегално следење на комуникациите.“ - изјави Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи.

На расправата не присуствуваа пратениците од опозициската ВМРО ДПМНЕ бидејќи се уште ја бојкотираат работата на Собранието, додека пратениците од коалициониот партнер во целост ги поддржаа предложените законски решенија и избраниот модел за реформи во службите.

„Пратеничта група на ДУИ ќе даде поддршка за овој предлог закон кој има за цел воспоставување на функцијата за заштита на Македонија и граѓаните. Посакувам граѓаните да се чувствиуваат безбедно во нивната земја.“ - изјави Мирсада Асани Емини – пратеничка ДУИ.

Сепак остануваат одредбите кои беа спорни за граѓанскиот сектор и за операторите. Граѓанските организации гледаат неколку спорни одредби кои оставаат простор за загрженост како на пример новите технички средства за прислушување кои се предвидени со законот. Операторите пак, со иницијатива бараат да се промени одредбата која им го наметнува трошокот за набавка на опремата која ќе ја користи ОТА. Тие бараат трошоците да ги сносат МВР и ОТА, како и да се изменат прекршочните одредби наменети за нив. И граѓанските организации на истиот став дека таквата обврска ќе повлече и зголемување на цените на услугите. Пакетот закони кој го помина првото читање може да подлежи на промени единствено со амандмански интервенции откако ќе влезе во фаза на второ читање.


Кристина Атовска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.