Министерството за труд и социјална политика ќе соработува со обвинителството доколку се отвори истрага

13.03.2018 | 18:47
Прочитано: 1239

Јавното обвинителство повикано да ги истражи обвинувањата упатени кон Министерството за труд и социјална политика за процесот на посвојување деца.

По вчерашната сторија на Телевизија 24, во која скопјанката Кристина Кузманова обвинува дека и биле побарани 2000 евра во кеш за да го добие финалниот потпис за старателство на дете, првиот човек на детската амбасада го повика Обвинителството сериозно да ги истражи таквите тврдења.

Од обвинителството велат дека обвинителите ќе ги разгледаат обвинувањата, а потоа ќе одлучат дали ќе отворат истрага. Министерството за труд и социјална политика информира дека ќе соработува доколку обвинителството отвори истрага.

„Доколку Јавното обвинителство отвори истрага, ние ќе соработуваме, а се што ќе побараат од нас ќе им биде доставено.“

По објавување на прилогот, во редакцијата на Телевизија 24 се јави личноста од министерството која беше посочена од Кузманова и испрати демант во кој целосно ги негира обвинувањата.

„Во посебен дел од прилогот и текстот на интернет порталот е наведено дека јас сум одбила да коментирам. Ниту новинарката, ниту уредникот, никој од Телевизија 24, не ме побарале да дадам никаква изјава. Во врска со ова барам: Да го објавите мојот демант во дневните вести и на интернет порталот на Телевизија 24, дека во врска со овој случај не сум постапила надвор од моите професионални обврски и изрично демантирам дека сум побарала пари на “Скопјанка” во врска со посвојување на дете.          

Во однос на исказот дека посочената личност не била побарана, Телевизија 24 може да докаже дека средба со неа, но и со останатите членови на комисијата, е барана по официјален пат, уште пред пет месеци. Поканата за изјава во камера се уште важи.

За тврдењата на Кузманова, како и за евентуални слични случаи од Меѓаши побараа Јавното обвинителство да ги истражи сомнежите за мито во процесот на посвојување дете.


Кристина Атовска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.