Уште еден мигрант од Сирија загина на пругите во Македонија

25.11.2014 | 16:52
Прочитано: 4166

Уште една жртва на пругите во Македонија повторно мигрант од Сирија. 25 годишниот сириец настрадал синоќа кај надвозникот пред Демир Капија, потврдуваат од СВР Велес. 

Додека се движел по пругата со група од 5-6 бегалци во него удрил патничкиот воз од Скопје за Гевгелија. По несреќата останатите мигранти се разбегале. 

По синоќешната несреќа тој е осма жртва од почетокот на месецот, а најмладата беше бебе старо 45 дена.

Загриженост поради црниот биланс на македонските пруги изрази и Високиот Комесар за бегалци на ОН во Скопје – Мохамед Ариф.

Вели дека миграциската рута од Гевгелија кон Скопје долж железничката пруга е една од најопасните во земјава на која ризикуваат мигрантите, најголем дел од нив бегајќи од татковините во кои се води војна.

Проблемот со мигрантите веќе станува сериозен, вели Ариф. Очекува властите да го спречат овој негативен тренд.

Реакција пристигна и од Здружението на млади правници. Тие побараа од надлежните да изнајдат механизми за да се избегнат ваквите ситуации.

„Со цел спречување на вакви немили настани, апелираме до надлежните да изнајдат соодветни механизми со кои во иднина ќе се избегнат ситуациии во кои некои од лицата кои имаат потреба од меѓународна заштита би го загубиле својот живот во Република Македонија, како и поголема посветеност во остварувањето на правата на бегалците и другите лица кои имаат потреба од меѓународна заштита“, стои во нивното соопштение.

Поради географската поставеност земјава е транзит реон за бројни мигранти кои преку Турција, Грција, Македонија и Србија патуваат кон некоја од западноевропските земји. Главната патека по која се движат е пругата долж Коридорот 10.


Михајло Видимлиски
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.