Мицотакис: Фразата на Меркел „македонски премиер“ не е воопшто корисна

24.02.2018 | 13:14
Прочитано: 1025

Ставот на Меркел дека во Берлин го поздравува македонскиот премиер, според лидерот на грчката опозициска партија Нова демократија, не е корисен во конкретниот момент. Кирјакос Мицотакис, во интервју за грчката телевизија Скај, рече дека „треба да се избегнува употребата на термините „Македонец“ и „Македонија“ за Скопје“.

-Ставот на Меркел не беше корисен во овој момент. Кога постојат отворени преговори и постои голема чувствителност кај јавното мислење, добро е да се избегнува употребата на терминот „Македонец“, „Македонија“ кога се однесува на ПЈРМ, на државата на Скопје. Го кажувам ова, бидејќи, ако нешто се покажа од овој случај, е дека постои голема патриотска чувствителност во денешното општество околу ова прашање и дека никој не може тоа да го игнорира. По осум години голема криза, Грците, во прашањата за нивниот национален идентитет се особено чувствителни. Сите Грци, не само Македонците. – вели Кирјакос Мицотакис, алудирајќи на Грците кои од северниот дел од земјата се самоопределуваат како Македонци.

Претседателот на опозициската Нова демократија, упати остри критики до Ципрас во однос на тоа како управува со прашањето за името, вели дека грчкиот премиер уште од почетокот води погрешна преговарачка политика, затоа што требало, според Мицотакис, уште на самиот почеток да побара уставни промени.

Според претседателот на Нова демократија, договор со овие карактеристики, не е прифатлив за неговата партија, бидејќи не им служи на националните интереси, а решението „мора да ги штити националните интереси, да се справува со прашањата со иредентизмот и да обезбеди дека сите промени што ќе се направат, ќе бидат промени во Уставот на Скопје“.


The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.