Маскенбал во Куратица: Малку пари многу забава

12.01.2018 | 17:59
Прочитано: 2208

Дваесет години финансиран од сопствени средства без поддршка на институциите и министерството за култура и оваа Василица, Курајчкиот карневал ќе овозможи врвен театар и забава на отворено во Куратица прославувајќи 20 годишен јубилеј.

Иако заборавен од властите курајчкиот василичарски карневал успеал изминатите години да застане на исто рамниште со останатите карневали кои добиваат финансиска поддршка. И оваа година со само 5 илјади евра донации на селаните и иселениците, во селото ќе продолжи децениската традиција.

„Куратица живее за карневалот и затоа опстојуваме. Кога би имале поголеми финансии, знаеме многу повеќе да направиме“, вели Горан Ангелоски, кмет на село Куратица.

Спектаклот почнува во сабота на 13 - ти,  а главните ликови и оваа година ќе се зетот, невестата, бајачот и валегачот кои со оро и песна заедно со другите маски ќе ги поминат сите домови во селото за да им ги истераат лошите мисли и да им донесат среќа.

На карневалот задолжително присутни ќе се и прилепските мечкари, а домаќините на сатиричен начин ќе се обидат да ги доловат секојдневните актуелности во земјава. Во Куратица до последен момент маските се тајна.

„Не може да се опише, може само да се доживее, би рекол една драма, еден филм, каде нема ни  режија, ни сценарија, се се случува спонтано и весело“, вели Ангелоски.

Курајчкиот карневал иако помал од Вевчанскиот на истиот ден собира голем број посетители, а од оваа година има најава дека ќе стане член и на Европската унија на карневали. Освен централното  дефиле, најавена е и богата музичка програма и многу забава.


Адријана Митевска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.