Македонската челична индустрија е на колена откако ЕУ воведе квоти и за македонскиот челик

14.09.2018 | 18:50
Прочитано: 1895

Македонската челична индустрија е на колена откако Европската Унија воведе квоти и за македонскиот челик. Бизнисот и владини претставници денес на жешко столче во Брисел - ќе се обидат на европските власти да им докажат дека македонскиот челик не е закана за нивното производство.

Но, и да им сугерираат дека по сите заложби за евроинтегративните процеси на земјава, ваквите  ограничувања може да ја срушат македонската економија и да ги закочат процесите.

„Ако 60% од нашите пласмани одат во Европа, тоа би значело неизнвесна иднина, редуцирање на производството, мали прозиводни кампањи, кога тоа го имаш ќе се соочиш со намалување на број на вработени.“ - вели Митко Кочовски, Макстил.

Привремената заштитна мерка ќе остане на сила околу 200 дена или до февруари идната година. Царината од 25 насто ќе почне да важи  во оној момент кога во Европа, увозот на челик од земји кои не се членки на ЕУ ќе ги надмине  зацртаните количини.

За Македонија, воведени се квоти за четири челични производи. Покрај Макстил, директно погодени се Миттал Стил, Дојран Стил, и двете фабрики за цевки во Куманово и Кавадарци ФЗЦ и ИГМ. Макстил на сослушувањето во Брисел е една од 50-те компании од повеќе земји, кои заедно со владин претставник ќе ги бранат аргументите на нашата челична индустрија.

„На тоа сослушување ќе биде поканет и претставник на владата, тој ќе ја изнесе засегнатоста на нашата влада и ќе побара поддршка во духот на сето она што ни го нуди сега Европа. Оваа индустрија сеуште ја имаме како носител на економската клима. “ - вели Кочовски.

Европската унија ги воведе овие  мерките  како контра одговор на наметнатите царини од САД. Конечната одлука дали ќе се воведат конечни заштитни мерки Комисијата треба да ја донесе во 2019 година. И државата и бизнисот стравуваат дека ако не се промени нешто или не се ублажат трговските односи на релација Европа - САД, квотите ќе го срушат македонскиот челик, а последиците ќе бидат фатални и за други сектори.


Александра Филиповска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.