Македонија ја очекува поканата за членство во НАТО

11.07.2018 | 17:00
Прочитано: 444

Македонија добива покана за влез во НАТО Алијансата, пишува во нацрт заклучоците. Членството на земјата во Алијансата ќе се ефектуира откако ќе биде целосно завршен процесот на имплементација на договорот за името со Грција, се наведува во нацрт-декларацијата.

Земјите-членки на Алијансата се согласни да го испочитуваат ветувањето од самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година и да испратат покана за членство на Македонија.

„Во 2008 одлучивме дека НАТО ќе ѝ додели покана на ПЈРМ за влез во Алијансата штом се изнајде заеднички прифатливо решение за името во рамките на ОН. Го поздравуваме историскиот договор помеѓу Атина и Скопје за решение за спорот за името.

Во согласност со нашата политика решивме да ја поканиме владата во Скопје да започне преговори со Алијансата", се наведува во нацртот кој треба да се официјализира по состанокот на шефовите на држави и влади во Брисел. Ова е историски ден за Македонија, порача од Брисел, министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска...

„Но, постои една точка околу која се согласни  сите 29 земји членки , а тоа е дека Македонија ја заслужи поканата, и дека она што го пропуштивме како  шанса во 2008 година овој пат во Брисел  ќе успееме да го искористиме. Нашата цел како држава е час поскоро да станеме земја членка на НАТО. Затоа ќе бидат многу важни домашните процеси – референдумот, собраниската процедура. Убедена сум дека сите ние граѓани на РМ, сите ние кои плативме голема цена заради испуштањето на шансата во 2008 ќе се обединиме без разлика на етнички, религиски или политички разлики и нема да дозволиме Македонија да ја повтори грешката од пред 10 години“ - изјави Радмила Шеќеринска.

До влезот во НАТО, Македонија ќе мора да ги имплементира сите чекори и процедури предвидени во договорот за решавање на спорот за името со Грција.

Целосна имплементација на сите предвидени внатрешни процедури во однос на договорот за решение на спорот за името е услов за успешно заокружување на пристапниот процес.

Во заклучоците се поздравуваат напорите на македонската влада за подобрување на билатералните односи со соседите, вклучително и со Бугарија, напредокот во исполнувањето на итните реформски приоритети, и охрабрување за натамошни реформи.


Мишко Иванов
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.