Македонија без учесник, а Евгениј Поп Ацев остана без европско првенство – не бил пријавен

09.08.2018 | 18:09
Прочитано: 2420

Денеска требаше да известуваме за резултатот на Евгениј Поп Ацев на трката на 10 километри на Европското првенство во Глазгов, наместо тоа зборуваме за нов бран медимски препирки и нејаснотии и уште една дамка на македонскиот спорт. Единствениот пливач кој беше најавен за настап, всушност никогаш не фигурирал како учесник. Поп-Ацев синоќа се пожали со емотивна објава на Фејсбук дека нема право на настап затоа што не бил пријавен на првенството, иако од Македонската пливачка федерација до последно го уверувале дека таа процедура е средена.

„Во февруари ја исполнив нормата дадена од ПФМ за настап на Европското првенство и во изминатата година цела моја енергија, фокус, тренинг и мотивација беше за ова првенство. До последен ден добивав лажни информации од ПФМ и верував дека се е во ред со мојот настап. Може да замислите колку беше разочарувачки и тажно за мене кога со веќе пола спакувана торба видов на стартната листа, пред само два дена, дека моето име не е таму. Имам едно објаснување од ПФМ, и сосема спротивно од „ЛЕН“. Која вели дека мојата федерација не пратила пријава воопшто“, се пожали Поп Ацев целосно фрлајќи ја вината кај федерацијата.

А оттаму одговор стигна денеска. Велат дека пријавите за големите првенства биле и ќе бидат навремени за секој пливач кој има критериум за учество. Во случајот со Поп Ацев, уште во месец април имало прелиминарна пријава. Потврда не добивме, велат од федерацијата, а во периодот од 7 јуни до 31 јули немале право да користат сметки, печати, како и службен имејл, затоа што сето тоа беше замрзнато поради спорот за две паралелни федерации во нашето пливање, кој заглави дури и во централниот регистар.

„Од 31 јули до 6 август секојдневно беа испраќани „имејлови“ за добивање конфирмација само и исклучиво за Евгениј Поп Ацев за трките 10км и 25км, како и барање за негово учество, за што на крај добивме официјален одговор во кој се вели дека Евгениј Поп Ацев „нема право да се натпреварува на Европското првенство во Глазгов“ , пишува во објаснувањето на федерацијата, но без да биде објаснет делот за нивната меѓусебна комуникација со Поп-Ацев, во кој пливачот вели оти бил излажан за пријавувањето..

Потоа се осврнуваат и на резултатите на Поп-Ацев од почетокот на годинава со поагресивен тон.

„Евгениј ги имаше на дланка сите удобности добиени од ПФМ и од МОК како врвен спортист. Но за жал резултатски комплетно потфрли на официјални дисциплини 10км и 25км.  ПФМ не е јавашлук, желботека или најефтината туристичка семејна агенција за бесплатни тури ширум светот“, потенцираат во сопштението.

Евгениј Поп Ацев требаше да плива на трките на 10 и на 25 километри, првата денеска, втората в недела на 12 август. Норма за настап исполни на маратонот во Санта фе, Аргентина, на четврти август.


Владко Арсов
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.