Куќите во стариот дел на Охрид и понатаму се атракција за странските туристи

25.05.2018 | 17:25
Прочитано: 1829

Стариот дел на Охрид и понатаму е најатрактивен за странските туристи.  Се поголем е интересот за купување  куќа или вила близу Св. Софија или Канео и покрај тоа што цените се  повисоки од локациите во останатиот  дел на градот.

Најзаинтересирани се Холанѓаните, Данците, но и балканците. Архитектурата, но и погледот кон езеро е она што сеуште најмногу ги примамува потенцијалните купувачи, велат варошани.

„Па мислам дека од Холандија, од Србија, има еден од Данска. Тука е тивко, мирно за живеење„ - вели жител на градот.

Но, агенциите и не се толку задоволни. Велат постои интерес, но продажбата се повеќе ја кочи документацијата, односно проблемот со недостигот на урбанистички планови за овој дел на градот. Купувачите ги премислува долгата документациона процедура.

„Очигледно е дека и таму нема доволно објекти кои се со решена документација, кои се со решени инфраструктурни проблеми, се е релативно. Има неколку објекти, поекстравагантни, се нудат со повисока цена, со поглед на езеро, инаку се друго што нема поглед на езеро, што нема локација, пристап на поготово паркинг, е тежок за продажба. Имаме неколку објекти со 300, 400, еден имаме со цена од 500.000 евра“ - изјави Јонче Трајкоски од Агенција „Енхелеја”.

Историчарите, пак, велат дека проблемот лежи во тоа што Варош и нема доволна афирмација од туристичките водичи.

„Денес нема ниеден водич, педесет години е само верглање, ништо ново не е направено, како ќе го промовираме“ - вели Гоце Жура, историчар на уметност.

Досега во Охрид станови најмногу купуваа Холанѓаните и Англичаните. Освен во централното градско подрачје, доста од нив купија или изградија куќи во Пештани, месноста Рача, а во последно време се поатрактивно е и селото Велестово, кое има извонреден поглед кон градот и езерото.

Охриѓани коментираат дека во иднина решавањето на урбанистичките проблеми би значело наплив на туристи во македонскиот бисер.


Адријана Митевска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.