Кривична пријава за поранешниот градоначалник на Крива Паланка

13.01.2018 | 17:28
Прочитано: 1961

МВР со уште една кривична пријава против поранешниот градоначалник на Крива Паланка. Арсенчо Алексовски заедно со поранешниот директор на гимназијата Ѓорче Петров се сомничат дека во мај 2009 изготвиле и потпишале лажна исправа - Договор за инвестирање во изградба на спортска сала „Петар Поп Арсов“ со Агенцијата за спорт и млади како инвеститор на проектот.

„Во договорот во член 7 став 1, навеле дека спортската сала наводно ќе биде изградена во дворот на ДСУ „Ѓорче Петров“ од Крива Паланка, иако таму веќе имало изградено спортска сала.“ -  се вели во соопштението на МВР.

Поранешниот градоначалник, Алексовски за Телевизија 24 вели дека немало фалсификување документи, а ако во договорот пишувало дека салата ќе се наоѓа во гимназијата, тогаш се работи за техничка грешка. Алексовски ги оцени кривичните против него како политички мотивирани со цел лично да го дискредитираат.

„Мислам дека е ова тенденциозно како и претходните, се работи за дискредитација на мене како личност од политички причини. Слушнав дека во тој договор пишува дека  салата е во гимназијата Ѓорче Петров, а во тој простор нема место за спортска сала, што значи сигурно е по некој терк и се работи за техничка грешка, можеби во некоја друга општина тоа е правено во дворот на училиштето и сега тоа е пренесено“ - вели Алексовски.

Согласно договорот, општината се обврзала да обезбеди инфраструктура, технички прием и да издаде употребна дозвола, но ниту тоа не било запазено.  

„Овие одредби од договорот воопшто не биле исполнети, туку спротивно на тоа пријавениот А. А. донел и потпишал Решение за локациски услови за градба и потпишал Одобрение за изградба на спортската сала, на друга локација, на катастарска парцела која дел била во сопственост на општината а дел во сопственост на Република Македонија, и без претходно да се изврши пренамена на земјиштето од земјоделско во градежно.“

Од МВР додаваат дека по изградбата, двајцата пријавени по втор пат ја злоупотребиле службената положба кога прифатиле и потпишале Записник за примопредавање на градежниот објект со Агенцијата за млади и спорт. Инспекторите констатирале  и дека новоизградената спортска сала воопшто не била внесена во катастарскиот операт за Крива Паланка, а имотниот лист во кој требало да биде внесена, никогаш не бил доставен до Агенцијата за недвижности при Влада. Алексовски и овие наоди ги отфрли како неточни. Вели дека има комплетна документација за локацијата на којашто е изградена салата.

„Ние сме дале и одобрение за градба, сме направиле архитектонско урбанистички проект, сме направиле локално урбанистичка планска документација. Значи сите потребни документи што требало за изградба на сала ние сме ги дале на локацијата на која е изградена спортската сала“ - вели Алексовски.

Ова е трета кривична пријава против Алексовски во само неколку месеци, а се сомничи за различни дела. Непосредно пред локалните избори, МВР поднесе кривична пријава за злоупотреба на службената положба за неизвршена контрола врз превозот на ученици со што било овозможено родители да се стекнат со парична корист. Екс градоначалникот изјави дека целта на оваа кривична е да ја уништи неговата репутација за да се влијае на изборниот резултат. Два месеци подоцна, Алексовски доби кривична пријава под сомнежот дека незаконски дал согласност за вработување на две лица во ученички дом кои немале согласност од министерството за образование. 


Кристина Атовска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.