Косово слави 10 години независност

17.02.2018 | 18:46
Прочитано: 1903

„Го прогласувам Косово за независна и демократска држава“

Пред 10 години, во функција на премиер, Хашим Тачи во Парламентот во Приштина ја прогласи независноста на Косовската држава со што Косово стана најмладата држава во Европа. Оттогаш до денес Косово е признаено од страна на 115 држави во светот.

Денеска, по повод една деценија независност, американскиот државен секретар Рекс Тилерсон во име на САД, упати честитки до косовскиот државен врв.
„Во деценијата независност, Косово покажа одлучност во созревањето во постабилна, подемократска и поинклузивна земја. САД продолжуваат да ги поддржуваат граѓаните на косово додека работат на јакнење на демократските и мултиетнички институции, зголемување на економскиот раст и унапредување на владеењето на правото на патот кон целосна интеграција во меѓународната заедница“, порача Тилерсон.
На денешната прослава пак, на свечената академија во Скопје, што во чест на јубилејот ја организираше ДУИ, косовскиот амбасадор во Република Македонија, Албер Хиса, истакна дека во овие 10 години најсилна е соработката со својот сосед, Македонија. 

„Се радувам што можам да кажам дека овие 10 години Косово успеа да склучи најмногу билатерални договори, токму со неговиот сосед Македонија. Но, можеби е време да размислиме како ќе им пристапиме на наредните 10 години. Има околу 2-3 милиони одења – доаѓања на овие два пата што ги поврзува Косово и Македонија што е најдобар доказ за интензитетот на нашата меѓусебна комуникација“, рече Албер Хиса-амбасадор на Косово во РМ.

На политички план, аналитичарите оценуваат дека Косово направи значителни чекори, но засега останува надвор од Обединетите Нации, поради ветото од страна на Русија, која ја нема признаено неговата независност. Односите со Србија, дијалогот меѓу Белград и Приштина пак, како што истакнуваат дел од експертите, се движат премногу бавно. Во интервју за Танњуг, српскиот претседател, Александар Вучиќ истакнува дека тешко дека Србите би го признале  Косово во замена за членство во Европската Унија.

Во своето десетгодишно постоење, најмладата држава на европскиот континент се соочува со низа социјални и проблеми. Според оценките на економските аналитичари невработеност на граѓаните  бележи многу висока стапка, дури 33 отсто се без работа, а дури една третина од населението е под прагот на сиромаштијата.

Сепак, по повод независноста на Косово ќе се одржат разни манифестации и изложби. Утре ќе биде одржана конференција „Една деценија независност“, а потоа Собранието ќе одржи свечена седница по која ќе има парада на безбедносните сили и полицијата.


Анита Буховски
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.