Корупцијата „цветa” - контролорите на „стенд бај“

09.08.2018 | 17:31
Прочитано: 1765

Македонија потфрли во борбата против корупцијата, критикува Групата држави против корупција на Советот на Европа во новиот извештај. Работата на земјата на ова поле, е „очигледно разочарувачка“ – пишува ГРЕКО, оценувајќи го напредокот на државата во борбата против корупција меѓу пратениците, судиите и обвинителите.

„Најголемите негативности се забележани во делот на Државната комисија за спречување на корупција, првенствено во однос на законот кој предвидува ниски слаби или политички критериуми за избор на членови на ДСКС“, вели   Ана Павловска-Данева  - член на ГРЕКО – претставник на Македонија

Без ефикасни регулаторни тела и јасни закони, нема борба против корупцијата, велат дел од експертите. Поранешниот антикорупционер, Воислав Зафировски предупредува и дека доколку земјата не покаже напредок на ова поле, тоа може да биде голема пречка и на патот до ЕУ.

„Советот на министри најави дека наредната година ќе преоценат дали Македонија направила прогрес во борбата против корупцијата и владеењето на правото, борбата против организираниот криминал, и во зависност од тие оценки може да ни се додели и датум за отпочнување на преговорите“, вели Воислав Зафировски – поранешен антикорупционер

Зафировски потенцира дека неопходни се измени во законите, особено во делот на судирот на интереси. Го поврзува тоа и со последните скандали на Фондот за иновации.

„Законот мора да предвидува санкции за оние што ќе се нафатат да извршуваат функции кои ги ставаат самите во судир на интереси, но законот мора да предвидува и санкции против оние кои ги именуваат и поставуваат во таква позиција“, вели Воислав Зафировски – поранешен антикорупционер

А во ек на потенцијални финансиски афери, во државата не постои контролно тело за спречување на корупција. Државната комисија со месеци не работи. Сепак, нејзината работа губи секаква смисла, без ефикасно обвинителство, потенцира Мирјана Димовска, поранешен член на Антикорупциска.

„И додека работеше Државната комисија беше неефикасна и никој не се занимава зошто. Еве ви еден податок – кога јас работев таму, околу 100 иницијативи за кривично гонење беа покренати пред јавниот обвинител за кривично гонење за сомнежи за дела на корупција, ниту еден не беше процесуирана од страна на ОЈО“, вели Мирјана Димовска – поранешен антикорупционер

ГРЕКО критикува и дека земјата мора спроведе сериозни реформи и во обвинителството а алармира дека е крајно време да започне со работа и антикорупциската комисија. Од Министерството за правда каде се подготуваат измените, си дадоа рок до крајот на август.


Ирена Каревска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.