Компромис за Али-пашината џамија во Охрид со помош на УНЕСКО

23.06.2018 | 17:54
Прочитано: 3711

Доградбите и активностите на Али-пашината џамија во Охрид и официјално се дивоградби, помина и 8 јуни, а властите и понатаму молчат, вели Томе Џамтоски од Здружението „Совест“.

Тој потсетува дека на 8 јуни изминале две години од издавање на конзерваторското одобрение на кое се повикува Заводот и музеј Охрид, кој е носител на проектот за реконструкција на Али-пашината џамија и сега е потребна нова градежна дозвола, според Законот за градење, за што се неопходни нова процедура и целосна документација.

„По петнаесет дена време е да дојде инспекција и да ги стопира активностите“ додава Џамтоски.

„Се она што досега е направено е фактички дивоградба и тоа не може ниту да се легализира. Според законот за бесправно изградени објекти тие објекти требале да почнале со градење до март 2011 година. Јасно е како ден дена градежните работи на Али-пашината џамија во Охрид се изведуваа после овој рок “ - вели Џамтоски.

Во меѓувреме владин извор за Телевизија 24 информира дека неофицијално 32-метарското минаре нема да се гради, но дали и кога ќе бидат стопирани активностите на џамијата, никој не знае. Не знае ниту новиот министер Адеми кој пак побара време да го проучи проектот, па да даде свој став.

Но професорката Донка Барџиева како советник во Министерството за култура вели проблемот мора да се решава компромисно и со помош на УНЕСКО.

„Се направија грешки со тоа што Законот за градење одредбите се имплементираа и во Законот за заштита што е спротивно на сите принципи на градење. Не знам која политика новиот министер понатаму ќе ја спроведува во однос на заштитата“ изјави проф. д-р Донка Барџиева.

Од Исламската верска заедница во Македонија и понатаму уверуваат дека се е легално и дека џамијата ќе се догради, оти објектот во Охрид отсекогаш бил стар и многу вреден монумент на исламската култура.

Инаку проектот Али-пашина џамија  е финансиран  од Република Турција, како донација на Директоратот на вакуфите од Анкара.

 


Адријана Митевска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.