Кои пратенички групи ќе ги поддржат законските измени за патните трошоци?

13.01.2018 | 17:19
Прочитано: 1918

Дел од пратениците ќе го поддржат предлогот на СДСМ за намалување на патните трошоци, но дел од нив пак очекуваат собранието да понуди повеќе опции што ќе им бидат ставени како избор на народните избраници.

Пратениците од власта веќе доставија  до Собранието законски измени со кои:
-надоместокот за литар гориво ќе се намали од 30% на 15% по  километар.
пратениците покрај фискалните, да приложуваат и слипови од платежни картички кои што ќе бидат доказ дека лично ја платиле патарината.

Дел од пратеничките групи за тв 24 велат дека вакво законско решение не може да биде предлог на една партија и една пратеничка група, туку мора да биде решение договорено со консензус од сите.

Според неофицијални информации од Собранието не се исклучува предлагачот да добие и писмо со препорака дека законот му е едностран, односно дека треба да се надополни со повеќе опции како можно решение за замена на патните трошоци.
За повеќе опции се и пратениците од ДУИ.

„Ќе чекаме да биде готова анализата што ја нарача претседателот Џафери, па потоа ќе се изјасниме. Ние сме да се понудат повеќе решенија, а пратениците да си изберат што им одговара...дали да бидат сместени во стан во Скопје, но сепак да им биде платено да одржуваат контакт со изборната единица или да патуваат секој ден.“ - Ејуп Аљими, координатор на ДУИ.

Мерал Узеири-Ферати, пратеничка од ДПА, која доаѓа од Тетово вели дека сеуште не ги разгледала предлозите.

„Сеуште ги немам разгледано, меѓутоа не ми претставува проблем да поддржам било какво решение по однос на патните трошоци.“ - вели таа.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ сеуште не се враќа во  Собранието. Но, велат ќе поддржат домаќинско работење на парламентот.

„Ќе поддржиме секое решение кои се однесува на штедење и намалување на трошоците, иако измина месеци до полн израз дојде хипокризијата и лицемерието на СДС во врска со ова. Имаме расипничка власт којшто само од Нова година до денес, секое семејство во Македонија, го задолжи за 70 000 денари. “ - изјави Влатко Ѓорчев, координатор на пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.

Од Алијансата на Албанците велат дека кога ќе имаат конкретен став ќе го соопштат на прес конференција. Според деловникот претседателот има три дена да ги разгледа законските измени пред тие формално да бидат проследени, а техничките служби да проверат дали законите се уредно напишани или треба да се вратат на доработка. Од кабинетот на Џафери велат дека законите стигнале во петокот.

„Се уште не се знае кога законските измени ќе бидат ставени на дневен ред. Тие прво ќе бидат испратени до пратениците. Претседателот има три дена да ги разгледа, а потоа рок од 20 дена да ги стави законските измени на дневен ред на Собранието.“ - велат од Собранието.

Патните трошоци на пратениците веќе долго време ја брануваат јавноста. Народните избраници се водат како лидери во регионот споредбено со словенските, хрватските и бугарските колеги по сумите кои ги инкасирале за патни трошоци. За шест години, секој пратеник за патување до Собранието потрошил во просек по 40.000 евра. Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, кој доаѓа од Охрод,  наплатил над 3.800 евра, идентична сума наплатил и неговиот колега Сашо Василевски, кој исто така е од Охрид. За злоупотребите пак со патните трошоци на пратениците, СЈО веќе отвори истрага, а прва на листата е Силвана Бонева, која се сомничи дека направила злоупотреба на околу 100 илајди евра со прикажување на лажни фискални сметки.


Ружица Фотиновска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.