Ќе има толеранција за граѓаните кои нема да се пријават електронски во УЈП

13.09.2018 | 17:26
Прочитано: 7161

Иако се предвидени глоби, сепак Управата за Јавни приходи нема да ги казнува граѓаните кои нема да се регистрираат во новиот електронски систем за персонален данок.

По бурните реакции во јавноста дека дури и пензионерите, болните, хендикепираните лица ќе мора да седнат на комјутер и да се регистрираат, првиот човек на Управата, Сања Лукаревска, смирува - ако не дојдат граѓаните, УЈП ќе оди кај нив. Обврска да се пријават имаат сите лица кои оствариле некаков приход, а тука влегуваат и тие кои имаат само плата или пензија.

„Нашата интенција не е, ако некој не биде регистриран веднаш  да го казниме. Доброволно ќе направиме да дојде тука на шалтер и ние да одиме одиме кај него преку мобилните даночни шалтери.“ - изјави Сања Лукаревска директор на УЈП.

Пензионерите и другите лица кои не знаат да користат интернет не мора да ангажираат нотар, туку може да дојдат на шалтер со лицето кое ќе го ополномоштат тоа да го направи во нивно име. А за руралните места на терен ќе бидат и мобилните даночни шалтери

„УЈП може да има информација дека едно лице има приход од пензија, но тоа лице остварило и дополнителни приходи кои не биле пријавени или приход од странство поради која лицето треба да ги дополни тие податоци во даночната пријава.“ - изјави Ивана Дончевска  - раководител на сектор за УЈП.

Експертите се децидни дека УЈП мора да им излезе во пресрет на оние граѓани кои се дигитално неедуцирани. И според нив таргет со оваа реформа, не се сите, туку посебно оние кои и до сега фаќале кривини да не платат данок. Така со Законот за банки кој треба да се донесе, УЈП ќе има целосен преглед на сите трансакции на граѓаните.

„Сите други ангажмани од типот договор на дело, работа на фејс, програмирам за странец досега морало да се пријавуваат. Треба и авансно да бидат пријавени преку платформата Е-персонален данок, а управат да ги собере во годишната даночна пријава.“ - изјави Павле Гацов, даночен експерт.

УЈП од следната година за првпат ќе почне електронски да им праќа на граѓаните пополнета даночна пријава. Рокот е до 30-ти април, по што граѓаните ќе треба да ги потврдат или корегираат податоците. Доколку тоа не го сторат ќе се смета дека Управата подготвила точна даночна пријава за претходната година.


Александра Филиповска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.