Ќе ги повтори ли Судскиот совет постапките за разрешување на петмина судии?

20.01.2018 | 17:21
Прочитано: 1622

Судскиот совет не открива дали ќе ги повтори постапките за утврдување на нестручно и несовесно работење на судиите Виолета Дума, Мирослав Труфуновски, Иво Поповски, Снежана Геровска Попчевска и Гоце Јакшоски. За нив Европскиот суд за човекови права пред точно две години пресуди дека е повредена постапката за нивно разрешување и ја задолжи државава да им плати по 4 илјади евра на секој. Сите тие барале повторување на постапките поради тоа што судот во Стразбур констатира сомнеж во непристрасноста на органот кој ги разрешил. 

На седница закажана за вторник на точка затворена за јавноста Советот ќе ги разгледува извештаите на Комисиите по поднесените барања за повторување на постапките по повод конечните пресуди на Европскиот суд за човекови права. 

Советот повеќе од една година чекал одговор од Меѓуресорската комисија за извршување на одлуките Европскиот суд која дала зелено светло за повторување на постапките на седница одржана во октомври минатата година.

„Имајќи предвид дека во однос на предметите на дневниот ред постои консензус да се усвои соодветна препорака, единствена препорака која во контекстот може да ја даде Комисијата е Судскиот совет во што е можно пократок временски рок да постапи по предлозите за повторување на постапката за разрешување поднесени од страна на апликантите“, велат од  Меѓуресорска комисија за извршување на одлуките на ЕСЧП

Дел од постапките за петтемина судии беа иницирани од поранешниот министер за правда Михајло Маневски, кој беше и член на Судскиот совет по функција што според судот во Стразбур не гарантира непристрасност во постапката за разрешување. Дел од судиите со кои разговаравме велат дека Судскиот совет воопшто не требало да ја земе предвид иницијативата за нивно разрешување бидејќи и тогаш тие тврделе дека таа е иницирана од неовластен тужител.

До сега Советот ја повтори постапката само за судијата Јордан Митриновски, но го разреши по втор пат. Во декември, по две и пол години од пресудата на Европскиот суд за човекови права Советот повторно донесе одлука дека судијата Јордан Митриновски нестручно и несовесно jа вршел судиска функција.


Марија Севриева
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.