Кадровски смени во владините институции

23.02.2018 | 17:38
Прочитано: 3755

Дарио Николовски од вчера е новиот директор на Државниот студентски дом, откако пред два дена поднел оставка од директорската позиција во  Агенцијата за странски инвестиции. Тој за телевизија 24 вели дека оставката ја поднел од лични причини, а додека бил директор таму, во меѓувреме конкурирал за новата работа.

Од Владата велат дека неговото место набргу ќе го пополнат. Не ги коментираат шпекулациите дека  во Агенцијата ќе биде назначен кадар од коалицискиот партнер на владата, ДУИ, но дека тие се уште не избрале кандидат за оваа функција.

„Се уште немаме име. Во најскоро време ќе биде назначен нов директор“, велат од Владата на Република Македонија

Новиот директор на Агенцијата за странски инвестиции ќе биде еден од петте функционери кои според новиот закон за државна помош ќе дава пари за развој на компаниите. Законот е веќе ставен на јавна расправа, а министерот за економија апелира пратениците да го изгласат што побрзо.

„Ги повикувам сите пратеници што побрзо да го гласаат овој закон, затоа што  овој закон е во интерес на бизнис заедницата на Република Македонија и да почнеме во практика да го применуваме“, вели Крешник Бектеши - министер за економија

Откако законот ќе биде изгласан во Собранието, компаниите кои ќе потпишат договор за државна помош до крај на јули, ќе можат да бараат пари од државата најдоцна до ноември оваа година.

Владата ќе ги финансира домашните и странските компании под еднакви услови. Ќе исплаќа помош за развоја на нови технологии, повиски плати на работниците, зголемување на извозот и поголема соработка со домашните добавувачи.


Ружица Фотиновска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.