Иванов: Договорот со Грција е штетен и нема да го потпишам

13.06.2018 | 17:52
Прочитано: 6280

Претседателот Ѓорге Иванов денеска оцени дека договорот со Грција е штетен за Република Македонија, дека е лична одлука и одговорност на премиерот Зоран Заев и министерот Никола Димитров и дека нема да го потпише. 

Во ТВ-обраќање до граѓаните, шефот на државата рече дека со договорот што вчера беше постигнат и објавен меѓу Заев и Ципрас се  напуштени државните позиции за неменување на Уставот и неприфаќање име за севкупна употреба.

Смета дека е штетен и како таков единствен во историјата на човештвото, со кој се крши Уставот и законите, недостоинствен и донесен нетранспарентно. 

- Владата не смогна сила и храброст за да изградиме заеднички став и консензус. Целиот процес беше нетранспарентен за што сведочи крајниот резултат. Текстот е поразителен за Република Македонија,  рече Иванов, појаснувајќи дека не се менува само уставното име, туку и преамбулата на Уставот и сите негови членови каде се спомнува Република Македонија. 

Праша дали е достоинствено да се прифатат сите грчки барања и ултиматуми, додавајќи дека со овој договор се отвораат повеќе прашааа отколку што се затвораат и смета дека тој ќе предизвика несогледливи последици  за Македонија и македонскиот народ. ЕУ и НАТО, рече Иванов, не смеат да бидат алиби за штетен договор и тој не го обединува општеството, туку дополнително го поларизира. 

- Грција успеа да си ги исполни максималистичките барања, се деградираат стекнатите права во ОН и се погазува заветот на нашите предци. Се погазува 73-годишното право на самоопределување и 27-годишната  независност. Погазено е се што е свето за Република Македонија, истакна Иванов. 

На крајот од обраќањето тој повтори дека нема да поддржи и потпише, како што рече, ваков штетен текст на договор.


The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.