Истражување: Извршната и судската власт, лекарите, полицајците, цариниците и професорите – најкорумпирани

25.09.2018 | 17:36
Прочитано: 1984

Носителите на извршната, законодавната и судската власт се на врвот на листата најкорумпирани, но не изостануваат и  лекарите, полицајците, цариниците и професорите – ова го покажува петгодишното истражување на Факултетот за безбедност.

Во него стои дека дури 50 посто од испитаниците признале дека од нив било побарано мито за возврат на услуга.

„Околу 50 посто од испитаниците кажале дека имале искуство да им биде побарано мито. Според извештајот по истражувањето заклучивме дека најкорумпирани се носителите на извршната, судската и законодавната власт.“ - вели Цане Мојаноски – Факултет за безбедност.

„За справување со системската корупција е потребен посебен пристап за да има некаков ефект, инаку ќе стоиме во место како што стоиме веќе долги години.“ - вели Миодраг Лабовиќ – Факултет за безбедност.

Евроатланската интеграција на земјава е голем плус за зголемување на владеење на правото и спречување на корупцијата – вели министерката за правда Дескоска, а според истото истражување граѓаните покажале доверба и во институциите поврзани со гонење криминал.

Клучната институција за спречување на корупцијата седум месеци не функционира, откако членовите си дадоа оставки по извршената ревизија од која произегоа сомнежи за незаконско трошење на буџетски пари.

Според најавите, по референдумот се очекува измените во законот за спречување на корупцијата да поминат во Собрание, а потоа ќе се бира новиот состав на комисијата која треба да биде ослободена од политичко влијание.


Андријана Лазова
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.