Граѓаните масовно се задолжуваат за потрошувачки кредити, експертите бараат закон за личен банкрот

19.01.2018 | 17:20
Прочитано: 9830

Доаѓа време државата да почне да размислува за Закон за личен банкрот, сметаат дел од економските експерти, откако Народна банка на Македонија објави дека за една година задолжувањето на граѓаните се зголемило за 9,2 отсто, а наплатата на долгот оди тешко. Економистите апелираат во вакви услови банките да бидат претпазливи при доделувањето на кредитите оти кога расте задолжувањето на граѓаните тоа значи дека нивните приходи  не им стигнуваат да ги трошат за целите за кои што ги планирале.

„Има ситуации кога луѓе не можат да ги вратат заемите, бидејќи такво нешто им треба, во смисла да се обидат да го преживеат овој чин и можеби да се соземат да враќаат во некој процентуален износ она што го земале. На запад ова е вообичаена работа, бидејќи  пропаста на еден должник е и мала пропаст на доверителот. Без личниот банкрот доверителот не може да наплати ни мал дел, а со прогласувањето личниот банкрот согласно со закон можеби ќе собере одреден процент за да наплати“, вели    Павле Гацов, економски експерт

Последниот извештај на НБРМ покажува и се поголемо раслојување. Според Гацов како што растат кредитите на домаќинствата, така растат и депозитите, што е показател дека тие што имаат пари штедат, а оние што немаат тонат во уште поголеми долгови.

Според НБРМ во текот на 2017 заклучно со декември населението во банките и штедилниците се задолжило со речиси 2,3 милијарди евра, а во 2016 оваа сума изнесувала 2,1 милијарда евра.

Анализирано според намената, граѓаните најмногу се задолжиле со  потрошувачки кредити нешто над 1,8 милијарди евра, а задолжувањето кај станбените е поливина милијарда евра. Најслаб е интересот за автомобилските кредите, каде вкупниот износ заклучно со декември лани е 10 милиони евра.
Според НБРМ на кредитни картички граѓаните должат 200 милиони евра, а за покривање на минусот на тековна сметка 96 милиони евра.

НБРМ очекува годинава пласманот на кредити да порасне на 7 отсто.


Ирена Смиљанска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.