Градоначалниците нема да ја применуваат одлуката на Регулаторна за цената на водата

01.02.2018 | 17:31
Прочитано: 1604

Градот Скопје нема да го почитува тарифникот на регулаторот по кој Скопјани треба да добиваат повисоки сметки за вода. Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов денеска уште еднаш го повтори ставот дека на градот реално не му се потребни повисоки сметки за вода. Според него одлуката на Регулаторна комисија за енергетика е политикантска, а барањето за корекција на цената е поднесено од неговиот претходник.

„Менаџерскиот тим на ЈП„Водовод и канализација“ кој беше именуван од мојот претходник е подносител на тоа барање. Менаѓерскиот тим кој јас го именував кога стапив како градоначалник по извршената анализа, доаѓа до заклучок  дека ЈП„Водовод и канализација“ со кратење на непродуктивните трошоци може до моментов да ги покрие трошоците кои што произлегуваат од превземање на менаџирањето со отпадните води. Одлуката на Регулаторна е непринципиелна и мотивирана од други, а не од  реални потреби и како таква додека го водам градот нема даја применувам“ -изјави Петре Шилегов, градоначалник на Скопје.

Шилегов без одговор дали ќе го следи примерот на другите градови и ќе ја тужи Регулаторната комисија. До Управниот суд тужби се поднесени од локалните власти на Велес и Куманово, а отпор за воведување на новите цени има и од многу други општини. За новиот тарифник се побуни и Владата која побара регулаторна да ја преиспита одлуката за предложените цени за ЈП Студенчица.
Додека поголемиот дел од општините и водостопанствата го бојкотираат новиот ценовник за водни услуги, Регулаторната комисија за енергетика која е независно тело и понатаму ќе постапува по одредбите од Законот.  

„За оние кои во законски утврдениот рок, а тоа е крајот на април, нема да ја прифатат предложената тарифа за водни услуги, согласно Законот ќе се пристапи кон изготвување на регулаторна тарифа, која ќе биде конечна и претпријатијата се должни да ја применуваат. Трошоците за дополнителни анализи и пресметки за регулаторната тарифа ќе треба да си ги покријат самите претпријатија, а цените се утврдени со Закон и тие се движат од 1.000 до 5.000 евра“ - Регулаторна комисија за енергетика на Република Македонија

Законот предвидува и казнени одредби ако јавните претпријатија не ја спроведе одлуката на регулаторот и тие се движат од 6000 евра па нагоре.

Според предлогот на регулаторот сметките за вода во Скопје треба да поскапат за 1,32 денари во споредба со сегашната цена. Корегираната цена би била 30,71 денар за метар кубен вода.


Ирена Смиљанска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.