ЕУ желби, македонска реалност

20.06.2018 | 18:17
Прочитано: 3914

Не можеме да стигнеме до дома, а не па до Европска Унија, вака се жалат жителите од скопско Количани и околните села, каде иронично велат, може да стигнете само со тенк или хеликоптер. Со протест и блокади денеска побараа итна санација.

„Не се еднакво третирани како останатите граѓани во државава, затоа што одењето до нивниот дом и симнувањето до градот и до се она што е потребни за живот е едноставно невозможно“ - вели еден од граѓаните. 

Патот од Количани до селото Алдинци бил изграден во седумдесеттите години, а од тогаш велат се е оставено на забот на времето.

„Мислам дека е крајно време да се преземе нешто затоа што има многу природни убавини таму, има туристички потенцијал“ - вели жител од околните села.

Измешаните општински ингеренции со години го одолговлекуваат решението на проблемот. Градоначалникот на Општина Студеничани, која има најголем дел од надлежноста вели во општинската каса нема пари за патот. Неколку пати аплицирале и барале финансии од различни владини или европски фондови, но никој немал слух за проблемот. Најави дека ќе бара средба и со премиерот.

„Два пати сме одбиени од единицата за спроведување на проекти, проект за локална и регионална конкурентност, без никаква причина.“ - вели Азем Садики – градоначалник на општина Студеничани

Првиот човек на Кисела Вода пак, Филип Темелковски, вели и тие подготуваат документација за санација на патот, но дозвола ќе бараат од наредната година.

„Како општина заедно со Градот Скопје и другите општини ќе стапиме во контакт да видиме како можеме да помогнеме патот да се санира“ - вели Темелковски.

И додека подготвуваат проекти за санација на патот и си ја префрлаат вината за надлежностите и обврските, од потенцијални туристички атракции, зелените оази во овие предели, остануваат само рурални отсечени села.


Ирена Каревска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.