Државниот ревизор утврдил незаконско трошење во ДИК

22.02.2018 | 18:47
Прочитано: 1727

Членовите на Државната изборна комисија и во 2016 година си поделиле 104 илјади евра за успешно завршени предвремените парламентарни избори иако Државниот завод за ревизија најде еден куп неправилности во нивната работа. Во извештајот што деновиве го објавија, ревизорите даваат неповолно мислење за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи што ги сработиле диковци.  

Државниот ревизор наведува дека не бил почитуван Законот за јавни набавки во процесот на доделување на договорите. За спроведување на предвремените парламентарни избори во странство ДИК склучил договор од 400 илјади евра со фирма која организирала авионски превоз и хотелско сместување за членови на избирачки одбори. Но фактура на 300 илјади евра била платена предвреме, два дена пред да се одржат изборите, со збирен износ, без податоци за лицата кои ги користеле овие услуги.

Членовите на ДИК и пред две години си поделиле по пет плати и од 1 до 3 плати добиле стручните служби, но ревизорите забележуваат дека не постои поединечна пресмета, ниту упатство за надоместокот.

„Наведените состојби не се во согласност со член 31 став 2 точка 24 од Изборниот законик и имаат за ефект неможност од потврдување на начинот на примена на критериумите за утврдување на висината на искажаните расходи.“

Тројца членови на ДИК истата година си земале 30 илјади евра надоместок за патни трошоци зашто живееле надвор од Скопје. Но со буџетот не биле планирани расходи за оваа намена, па парите биле исплаќани од повеќе други ставки. 300 илјади евра им биле исплатени како надоместок и на општинските изборни комисии, а дополнителни 65 илјади биле поделени на име тарнспортни и тековни трошоци. Но ревизорите не нашле покритие за сите потрошени пари, а Државната изборна комисија немала донесено ниту критериуми по кои ги делеле парите.

Во извештајот стои дека ДИК нема забелешки на наодите на ревизорите.


Ружица Фотиновска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.