Државата ги „зауздува“ брзите кредити - максималните трошоци може да бидат до 55 % од долгот

08.08.2018 | 18:29
Прочитано: 3012

Нема веќе позајмуваш 200, а враќаш 1.000 евра. Министерството за финансии ќе застане на патот на финансиските друштва и една банка кои нудат таканаречени брзи кредити. До сега годишните трошоци не беа ограничени и достигнуваа и до 500 насто. Со законски измени вкупните годишни трошоци кои тие ќе може да ги наплатат се лимитираат на 55 проценти од износот на кредитот. Практично на земени 200 евра максимално друштвото  може да наплати вкупно околу 300 евра.

„Целта е за сите оние кои нудат ваков вид на кредити, кои се во помали износи од 200 евра, да бидат лимитирани со најголемата годишна стапка на трошоци да не поминат 55 отсто, односно да не биде повеќе од пет пати колку што е затезната казнена камата“, вели Ширет Елези - заменик-министер за финансии

Според Лончар граѓаните беа изложени на агресивното рекламирање за можноста да се земе кредит брзо, а до сега плаќаа енормно високи трошоци за овие кредити.

„Со измената на овој закон всушност ќе се воведе можност за контрола на кредити кои што се до 200 евра, затоа што досегашната одредба во законот е дека овој закон се однесува на кредити од 200 до 75 000 евра, тука не спаѓаат брзите и кратките кредити“, вели  Маријана Лончар - Организација на потрошувачи

Од Финансиските друштва кои ги консултираше Телевизија 24 велат дека се за да се ограничат трошоците, но во разумни граници. Велат наплатуваат повисоки камати и провизии, но и ризикот кај нив е поголем. А тврдат дека лани оваа дејност работела со загуба.

„ Тоа треба да биде во некои разумни граници кои ќе ги покријат реалните трошоци на финансиските друштва за да можат да продолжат да ги кредитираат оние категории на граѓани кои се „дискриминирани“ од банките и штедилниците“ - изјави Никола Јошевски - Управител на Финансиско друштво СН финансии од Битола

Инаку во земјава во моментов функционираат 20 финансиски друштва кои нудат брзи кредити.


Александра Филиповска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.