Диневски: Грујевски и Бошковски ја добија слободата во замена за важни државни информации

25.05.2018 | 17:30
Прочитано: 27092

Неразделните разузнавачи Горан Грујевски и Никола Бошкоски веќе  една недела се на слобода во Грција. Врховниот суд во Атина одлучи да не ги екстрадира во земјава, а како главен аргумент е аболицијата на претседателот Ѓорге Иванов, која по неколку месеци беше повлечена.

Но, за поранешниот разузнавач Александар Диневски ова образложение е само изговор. Тој  се сомнева дека двоецот од УБК понудил сензитивни информации  за Македонија, за да се испазари со грчките служби.  Но, личен интерес од нивното засолнување во Грција според него имаат и одредени  функционери од претходната власт.

„Сметам дека нивото бегство не беше случајно, ниту пак е само резултат на нивната волја, туку е на организирана акција во која очекувано е дека влијаеле голем број на структури од претходната власт на Груевски и Мијалков кои имаат личен интерес овие лица да бидат недостапни за правдата. Стратегијата пред судот ке биде едноставна, целата вина да се сведе на двајцата пребегани.“ - вели Диневски.

Тој проценува дека разузнавачите бегалци уште долго нема да се соочат со македонските судски органи. На тоа се надева и нивниот грчки адвокат Параскевас Спиратос кој за ТВ 24 вели дека голема е веројатноста тие да добијат и политички азил таму, а да се спасат од казна за лажните пасоши со кои избегаа во Солун.

„Кога тврдите дека сте политички бегалци и пребегнувате во Грција, се разбира дека немате документи и морате да се снајдете со други документи. Очекуваме дека нема да бидат казнети оти бегале од нефер судење во вашата земја.“ - изјави Параскевас Спиратос.

Дали клучниот аргумент за аболицијата кој пред грчкиот суд ги спаси агентите од екстрадиција, може да биде во полза на екс премиерот Никола Груевски пред домашните повисоки судови, во најавената жалбена постапка од неговите адвокати? Правниците се со  поделени ставови. Адвокатот Илија Илијовски смета дека еднаш донесено помилување не може да се повлече.

„Од гледна точка на законот за помилување институт за повлекување на аболиција не постои. Може да се употребуваат, повеќе доказни сретства, но во никој случајот законот не познава правна пракса, односно пресуда од ист или сличен случај на друг суд, како оваа пресуда која ја има донесено Врховниот суд на Грција.  “ - изјави Илијовски.

Пред две години кога шефот на државата ја донесе аболицијата за 56мина, Никола Груевски беше помилуван 5 пати, а на списокот се најдоа и Грујевски и Бошкоски.


Христина Беловска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.