Димитров верува во чуда, Заев и Ципрас утре на нова рунда разговори

16.05.2018 | 17:18
Прочитано: 1921

Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров од Софија порача дека е можно „чудо“ во преговорите за името со Грција и побара од Европската Унија датум за почеток на преговорите, по позитивниот извештај од Европската комисија за земјава.

„Ќе биде чудо доколку успееме да го решиме спорот за името со Грција, но чудата се можни. А денес на сите ни се потребни чуда. Во последниве години гледавме во погрешни векови, но денес сме тука во 2018 година. Македонија загуби генерации чекајќи да мрдне на патот. Го гледаме возот на ЕУ како минува и сакаме да го фатиме. Ќе биде трагедија доколку на Македонија не и се дозволи да ги започне преговорите за пристапување кон ЕУ“ - изјави Димитров.

Пораката на шефот на македонската дипломатија доаѓа во пресрет на утрешната средба Заев-Ципрас, на маргините на самитот во Софија. Двајцата премиери предвидено е да се сретнат утре во 10 и 30 часот по бугарско време. Средбата Заев -Ципрас изминатите денови се најавуваше како клучна во процесот на решавање на спорот за името, додека владиниот портпарол, Миле Бошњаковски, средбата во Софија ја нарече исчекор кон конечно решение на дводеценискиот спор.

„Во однос на утрешната средба на пшремиерите Заев и Ципрас, мислам вчера и премиерот јавно кажа дека  е премногу рано да се очекува такво нешто, меѓутоа оваа средба е исчекор кон конечно решение“ - изјави Миле Бошњаковски – портпарол на Владата.

На самитот организиран од бугарското претседателство со ЕУ ќе присуствуваат лидерите на државите-членки на Унијата и од регионот, а ќе претседава претседателот на европскиот совет, Доналд Туск, заедно со претседателот на европската комисија, Жан-Клод Јункер. Во Софија, покрај со Ципрас, македонскиот премиер Заев предвидено е на билатерлани средби да се сретне со германската Канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон.

 


Јован Ѓорговски
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.