Димитров и Коѕиас вечерва на средба во Виена, утре ќе разговараат со Нимиц

12.02.2018 | 20:02
Прочитано: 1868

Шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција Никола Димитров и Никос Коѕиас вечерва се на средба во Виена, а утре ќе имаат заеднички состанок со посредникот во преговорите за името, Метју Нимиц, соопштија од МНР.

Предвидено е да се интензивира процесот на преговори за решавање на спорот за името, а на средбата ќе се разгледува предлогот на медијаторот. И грчкото министерство за надворешни работи ја соопшти информацијата за вечерашната и утрешната средба во Виена. Поддршка во процесот за решавање на спорот за името со Грција попладнево даде и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на средбата со премиерот Зоран Заев, кој со владина и парламентарна делегација е во официјална посета на Турција. Ердоган оценил дека тоа е добро за Балканот и за евроатлантските перспективи на Македонија. Секоја држава има право сама да си го одреди името, рече претходно на заедничката прес конференција со Заев турскиот премиер Бинали Јилдирим.

„Турција е првата земја што ја призна Македонија под уставното име. Името една земја го определува самата. Многу е погрешно друга земја да одреди име за некоја земја. Покрај сето ова, нашата најголема желба е да се разговара со Грција околу ова прашање и да се постигне решение.“ - изјави Јилдирим.

Сложено име за надворешна и внатрешна употреба што ќе важи за сите. Ова е ставот на грчкиот пемиер Алексис Ципрас кој го изнесе по состанокот со пратеничката група на Сириза. Во изјавата Ципрас вели дека исто така не ги разбира ниту организираните протести во Солун и Атина бидејќи името Македонија и до сега го користела соседната земја, она што сега се бара е само појаснување но и откажување од иредентизмот.

„Решението не може да биде друго од едно сложено име што ќе важи за сите, за севкупна употреба. Нешто за што секако, предуслов е и уставна промена, за името навистина да биде ерга омнес, односно за севкупна употреба. Не може да биде една употреба надвор, а друго да биде името во Уставот. Секако предуслов е и повлекување на секаков сомнеж за иредентизам. Ова е единствената рамка што го гарантира решавањето на проблемот и поминување во нова ера за целиот Балкан, далеку од национализмот, фанатизмот и нетолеранцијата“ - изјави Ципрас.

Преговорите меѓу Македонија и Грција беа обновени на 12 декември минатата година во Брисел, кога со медијаторот Нимиц се сретнаа преговарачите Васко Наумовски и Адемантиос Василакис. На последната рунда разговори за името што се одржа на 17 јануари во Њујорк медијаторот Нимиц излезе со сет сугестии и предлози и оцени дека на повидок е решение на долгогодишниот спор меѓу Грција и Македонија. Медијаторот кон крајот на минатиот месец ги посети Атина, а потоа и Скопје, каде имаше одвоени средби со грчкиот и македонскиот државно-политички врв.

 


Христо Марковски
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.