ДИК заглавена - власта и опозицијата на своите позиции

12.07.2018 | 17:08
Прочитано: 583

Да се забрани приватното финансирање и политичките партии да добиваат пари само од државниот буџет. Овој е еден од моделите на финансирање за кој дел од политичките субјекти се залагаат да се воспостави и во Македонија.

Новиот начин на финансирање, заедно со измените на Законот за Влада, во кој треба да влезе Пржинската влада, се условите за опозицијата да даде поддршка за нов состав на Државната изборна комисија, од кој како што велат, немаат намера да се откажат.

Претставниците од власта пак, на денешната конференција на оваа тема, изразија волја за промени, но велат нема да прифатат никакви ултиматуми.  

„Изборот на ДИК не смее да биде ставен во пакет со никакви амнестии со никакви услови за технички, пржински или било какви влади, бидејќи нас ни се потребни институции кои ќе функционираат особено во најава на референдумот.“ - изјави Рената Дескоска, министер за правда

За промена на моделот на финансирање,  се залага и коалициониот партнер на СДСМ. Според Артан Груби, државното финансирање ќе значи поголема транспарентност и контрола.

„Ова прашање треба да се одреди преку буџетот, и ќе даде придонес во транспаретно финансирање на политичките партии.“ - рече Артан Груби, ДУИ.

Дека се потребни системски реформи, потенцираа и невладините организации. Според нив, анонимните донатори изборните кампањи ги претвориле во пералници за црниот капитал. Најголем проблем е молкот на органите на прогонот, кои досега велат, не спровеле ниту една ефикасна истрага за изборен криминал.
  
„Имаше кривични пријави за поткуп на избирачи и правење на списоци за избирачи, новинарите ги објавија, но никој не заврши со ефективна мерка.“ - рече Слаѓана Тасева од „Транспаренси Интернешнал“

За предлогот само со државни пари да се финансираат партиите треба политички консензус, а скептиците го отвораат прашањето, дали овој метод е најдобро решение или со него само дополнително ќе се  фаворизираат големите партии.


Ирена Каревска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.