ЗНМ: Очекуваме силни заложби за реформи во медиумите
Foto

ЗНМ: Очекуваме силни заложби за реформи во медиумите

Иако состојбата со слободата на медиумите се подобрува, сепак клучните системски промени во медиумскиот сектор сè уште не се завршени, меѓу нив се и реформите во јавниот радиодифузен сервис и медиумскиот регулатор, велат од здружението на новинари, самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, македонскиот институт за медиуми и Советот за етика во медиумите по повод Светскиот ден на слободата на медиумите.

„Сведоци сме особено во последниот период дека не стивнуваат повремени закани или напади врз новинари, како шпто беше случајот врз неколку екипи и новинари. Остануваат како проблем решавањето  на работничките права на добар дел од новинарите преку колективните договори. Една генерална оценка е да, подобрување постои, но суштински реформи се потребни, бидејќи ние не стремиме кон ова сегашно 95-то место, туку стремиме кон многу подобро место на скалата, под 50-тото место каде Македонија беше пред десетина години.“ - вели Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ.

Поради инцидентите кои беа забележани во изминативе неколку месеци во кои беа повредени правата на медиумските работници македонските медиумски организации уште еднаш ги повикаа надлежните институции на брза разрешница. Од ЗНМ додаваат потребно е да се надмине долгогодишната пракса на неказнивост, спречувајќи ја на тој начин неправдата кон новинарската и медиумската заедница. 

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, пак изјави дека сите оние кои ќе се дрзнат да нападнат новинари кои си ја вршат својата работа ќе бидат казнети. Од Владата велат дека за разлика од минатото денешниот ден може да се прославува со ослободени медиуми, се уште треба да се работи за да се поправи оценката во меѓународните извештаи.  

Светскиот ден на слободата на медиумите, кој денеска по 26-ти пат се одбележува ширум светот на сите медиумски работници им го честиташе и шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини.

„Слободните медиуми не се само медиуми со доверливи и точни информации, туку се и столб на демократијата.“ - изјави Федерика Могерини.

Македонија за една година бележи скок од 14 места според последниот светски индекс за слободата на медиумите на „Репортери без граници“, односно земјата се наоѓа на 95-тото место.

0 Коментари

Остави коментари