ЗК Пелагонија во наредните три години под мониторинг на банките за да врати долг од 37 милиони евра
Foto

ЗК Пелагонија во наредните три години под мониторинг на банките за да врати долг од 37 милиони евра

Извршителите кои ја блокираа сметката на земјоделскиот комбинат Пелагонија поради долг од околу 37 милиони евра, чекаат сигнал од банките да ја деблокираат. Комбинатот на Орце Камчев и Цветан Панделески, кои се под истрага на СЈО, ќе работи под строг мониторинг на големите банки, за да може да остварува профит и да ги враќа кредитите. Целата блокада е сензитивна зашто треба да се води сметка и за илјадниците грла крави, овци и јагниња кои тешко ќе преживеат ако комбинатот отиде во стечај.

Извршителите еднаш ја одблокирале сметката за да се купи храна, но и да им се исплатат плати на вработените. Од комбинатот велат дека поддршка за нивната работа имаат и од Владата, зашто со години од државата добиваат субвенции. Комбинатот ќе почне да го враќа долгот кон банките од септември годинава, кога ќе заврши и новата реколта на житните култури. ЗК Пелагонија од џин во македонскиот агро-бизнис, сега за кредитите од банките под залог и хипотеки ги има ставено имотот и опремата, механизацијата, силосите, па дури и говедата. Од Стопанска банка Скопје има најголем кредит во висина од 10 милиони евра.

Од НЛБ кредитот е 8,3 милиони евра, Стопанска банка Битола 3,2 милиони евра, Комерцијална 1.5 милион евра. Кредит има и од Орка Холдинг во висина од 3.4 милиони евра. Освен на банките комбинатот им должи и на фирми, но и на физички лица.

0 Коментари

Остави коментари