Жестока расправа за изменетиот закон за абортус се одржа во Собранието
Foto

Жестока расправа за изменетиот закон за абортус се одржа во Собранието

Жестока расправа во Собранието предизвика новиот закон за абортус. Додека пратениците и активисите аргументираа за и против, вратите на Собранието останаа затворени за верските претставници, со образложение дека ова е секуларна држава. Според министерот за здравство, со новите измени се враќа правото на избор на жената таа да одлучува самата за себе.  

„Мајчинството е ексклузивно право на жената, на бројот на деца, доколку таа сака. Тоа не е работа на судии, попови, оџи, лекари, а најмалку на политиката да одлучува за ова право на жената. Наша задача е да обезбедиме услови тоа право жената да си го добие, а државата да обезбеди институции и експертиза за тоа квалитетно и стручно да се заврши.“ - изјави Венко Филипче – министер за здравство.

Дел од невладините ги поддржаа законските измени. Од Хелсиншкиот комитет за човекови права го подржаа Собранието во спречувањето на верските заедници да се мешаат во работите на законодавниот дом.  

„Драго ми е што не дозволивте да се вмешаат верски заедници во носењето на законот. Ова е секуларна држава, тука се носат закони, црквите нека си носат нивни закони. Ако сакаат нека ме тужат, но ќе речам – Господ секогаш бил најголем непријател на жената.“ - изјави Уранија Пировска – Хелсиншки комитет за човекови права.

За дел од невладините пак Ова е рестриктивен закон што не и дава време на жената да размисли пре да абортира, туку жената „веднаш се става во хируршка сала“ и не се води грижа за неродените деца.

„За луѓе кои што тврдат дека се борат за правата на жената да имат избор, со овој закон и овозможувате се освен право на избор, зошто само аборутсот го ставате како избор, каде е нејзиното право да се оствари како мајка.“ - изјави Светлана Јовановска – НВО Лидија Центар што чука.

Законските измени беа поздравени и поддржани и од пратеничката на ВМРО ДПМНЕ,Даниела Рангелова, во чие време беше донесен претходниот закон. Рангелова ги повика претставниците од опозицијата да ги поддржат новите измени.

 

„Не сум била пратеник кога се носел законот во 2013 година. Но, сега имам можност да поддржам едно решение со кое не им се одзема правото на жените да станат мајки, но и да ја прекинат бременоста доколку не се во можност да го родат тоа дете или од друга причина.“ - изјави Даниела Рангелова – ВМРО-ДПМНЕ.

Дел од претставниците на црквата, велат дека верските заедници не треба целосно да бидат отфрлени од јавните расправи, бидејќи нивните верници се исто така граѓани на ова оштество. Отец Ивица Тодоров за ТВ 24 вели:

 

„Секој абортус е нехуман, но ова е веќе убиство. Според верскиот аспект, плодот во утробата на мајката не е паразит, а некој така го доживува преку идеолошката матрица. Во 22-рата недела, тој плод е веќе дете со душа. Ако се водиме според идеолошката матрица на некои кои велат - мое тело мој избор , тогаш исто е како да кажеме - мој автомобил - мој избор па дали ќе поминам на црвено и ќе згазам некој, тоа е мој избор.“ - вели Отец Ивица Тодоров – МПЦ.

 

Со законските измени се укинуваат административните бариери, а за првпат се воведува и можност за прекинување на бременоста до деветтaта гестациска недела со таблета. Прекинувањето на бременоста до дваесет и втората гестациска недела ќе оди со писмено барање од бремената жена, а после 22рата недела се поднесува барање до комисија. Инаку и претходниот министер за здравство Никола Тодоров во чие министерување беше донесен законот, неодамна им се извини на жените.

0 Коментари

Остави коментари