Зголемен бројот на нови случаи со Ковид-19, трендот на појава на нови соеви веројатно ќе продолжи
Foto

Зголемен бројот на нови случаи со Ковид-19, трендот на појава на нови соеви веројатно ќе продолжи

Повторно зголемување на бројките на новодијагностицирани пациенти со Ковид-19 се бележи во текот на вчерашниот ден. Од направени 5.315 тестирања, регистрирани се 81 нови случаи на Ковид-19. Меѓутоа, во моментов притисок во болниците и амбулантите нема. На Инфективната клиника се лекуваат околу 15 пациенти.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека очигледно е оти нема да запре трендот на појава на нови соеви на вирусот. Според него, многу веројатно е дека делта сојот нема да биде последниот сој на овој вирус.

И покрај тоа што е сега прилично мирно, Филипче оцени оти е можно овој тренд на пораст да продолжи и понатаму, но додава дека будно ја пратат состојбата. Интензивно, посочи тој, ги пратиме и анализираме препораките во однос на вакцинацијата. Можните сценарија според него се да има препорака за трета доза на вакцини или вакцината да стане сезонска. Но, повеќе сознанија за тоа дали вакцината ќе стане сезонска или не, се очекуваат во септември или октомври.

Во зависност од моменталната состојба, здравствените власти ќе разговараат и за евентуални рестриктивни мерки, прво насочени кон оние кои не се вакцинирани. Постои можност да се оди по примерот на некои други земји во делот на ограничување на влезот во затворени простории, поточно, да се бара задолжителна потврда за вакцинација.

– Овие мерки ќе важат за тие кои не се вакцинирани. Има мерки кои веројатно ќе продолжат да важат и понатаму, тоа се маските во затворен простор. Точно е дека можат да се заразат и луѓе кои се вакцинирани, меѓутоа вакцината штити од тешка форма на болеста и сериозно го намалува ризикот од смртен исход и тоа е суштината. Многу веројатно е дека ќе дојде и некоја следна мутација, а тоа не значи дека ние ќе живееме и треба да живееме со рестрикции, рече завчера Филипче.

Министерството за здравство вчера оцени дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација.

На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 514.021 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 3.302 граѓани, а вкупно се вакцинирале 12.545 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 904.583 дози вакцини, а ревакцинирани се 390.562 граѓани.

Вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 156.380 бројката на оздравени пациенти е 150.362, на починати е 5.493, а бројот на активни случаи изнесува 525.

Најголем дел од активните случаи се во Скопје – 171, потоа Тетово – 135, Куманово – 59, Гостивар – 36.

0 Коментари

Остави коментари