Земјоделците во Кочанско не ги слушаат препораките дека не треба да се палат стрништата
Foto

Земјоделците во Кочанско не ги слушаат препораките дека не треба да се палат стрништата

Подготовките за сеидба на оризот го запалија кочанското поле. Се палат стрништата, пред да започне орањето на површините. Земјоделците не ги слушаат препораките дека така не само што нивите се потенцијална опасност од пожари, туку од година во година си ги намалуваат приносите. 

Научните работници од Земјоделскиот институт во Кочани сметаат дека е потребна и помош од државата во набавка на современа земјоделска механизација за спас од сламата што останува по жетвата.

Она што загрижува е дека наскоро земјоделците од Кочанско може да останат без стручните совети на единствениот институт за ориз во државата. Постоечкиот кадар за неколку години заминува во пензија, а нема кој да го замени.

Очајни се и условите во кои сега се работи бидејќи дел од опремата е застарен, а потребно е и реновирање на зградата. Порано тука се вршеле голем број опити и се произведувал и семенски материјал, сега од некогашните 30 вработени, оваа научна институција има само двајца редовни професори. 

Во просек секоја година во Кочанско се сеат од 4000 до 5000 хектари со ориз. Земјоделците постојано се жалат дека на пазарот се продаваат неквалитетни препарати за прскање, а нема ниту увоз на сертифициран семенски материјал.

 

0 Коментари

Остави коментари