Започнува олабавувањето на рестриктивните мерки
Foto

Започнува олабавувањето на рестриктивните мерки

Комисисијата за заразни болести даде зелено светло за отворање на трговските центри, авто школите и спортските обложувалници. Се дозволуваат и тренинзи на отворено за индивидуални спортови.

Рестораните и кафулињата пак, ќе почнат со работа од следната недела, а после таа недела се планира и отворање на хотелите, теретаните и базените. Комисијата засега не предложува намалување на полицискиот час, но и покрај тоа, министерот за здравство вели дека ова прашање ќе се најде на Владина седница.

„Сето ова е согласно критериумите, според кои мора сите субјекти да се придржуваат до носење заштита, како и одреден број присутни. После следењето на епидемиолошката состојба, следува отворањето на угостителските објекти. Меѓу сите овие препораки, детално ќе се следи епидемиолошката состојба. Ова е планот кој сега го поднесуваме до Владата. Постепено го враќаме животот во нормала, работните процеси во однос на стопанството, со одредени протоколи, задолжителната дистанца, носењето маска.“ - изјави Венко Филипче - Министер за здравство.

Градинките засега остануваат затворени. Од утре ќе се почне со скрининг на вработените, а во меѓувреме се подговтвуваат и протколите за тоа како ќе функционираат. Во следните две недели ќе почнат со нормална работа и сите клиники и болници, додека пак стоматолошките ординации веќе се подготвени да почнат со работа.

Очекувањата на Комисијата за заразни болести се дека во следните два месеци значајно ќе се намали ширењето на вирусот, поради затворените граници, локалната трансмисија за која велат дека е под контрола, но и поради високите температури.

„Се очекува стабилизација на ширење на вирусот, но сме свесни дека целосно исчезнување тешко е да се очекува. Согласно сегашната состојба, во следните два месеци очекуваме намалување на ширење на вирусот. Нешто што очекуваме да придонесе се и високите температури, кои ќе го ослабнат вирусот и ќе го намалат преносот.“ - изјави Филипче.

Министерот за здравство повика да се откаже протестот против полицискиот час, кој што се најавува на социјалните мрежи, бидејќи како што вели токму досегашните мерки и полицискиот час придонесоа за држење контрола над епидемијата на корона вирусот.

0 Коментари

Остави коментари