Законски „непотизам“ во најпосакувани државни компании
Foto

Законски „непотизам“ во најпосакувани државни компании

Не само синот, туку и братот на пратеничката на СДСМ, Мира Стојчевска, Целе Велевски веќе два дена работи во ЕЛЕМ, потврдија од компанијата. Ангажиран е преку Агенција за привремени вработувања во РЕК Битола. Стојчевска, позната на јавноста по земените 12.000 евра за патни трошоци за шест месеци лани, негираше дека како пратеник влијаела за нечие работно место.

Синот на Стојчевска, Виктор пак е вработен како Инженер за примена на нови технологии и има плата од 35.864 денари. И ќерката на спикерот Талат Џафери, Бесијана е во ЕЛЕМ и зема 35.863 денари плата. Таа е референт за меѓународни тендерски постапки. А сестрата пак на министерот за култура Хидајете Алили работи како референт во правната служба во ХЕС Маврово-Гостивар и добива 33.643 денари плата. Заедничко за тројцата вработени блиски до функционери е што се примени на конкурс каде што се пријавиле по три лица.

Од ЕЛЕМ велат дека изборот е направен согласно закониските процедури.

Од средоната на 2017 година, кога се сменил менаџментот на ЕЛЕМ во компанијата се вработени вкупно 512 лица, дел на определно, дел на неопределно време. А компанијата ја напуштиле 178 лица. Просечната плата во ЕЛЕМ е 35.500 денари. Од МЕПСО пак каде се сместија сестрата на Министерот Бектеши, ќерката на поранешниот градоначалник на Гостивар функционер на ДУИ Невзат Бејта, како и синот на Владо Бучковски, просечната плата е нешто повисока – изнесува над 37.700 денари. Таму пак се вработиле 70 лица на неопределно и 8 на определено, а компанијата ја напуштиле 26 лица. А третата пак компанија која е примамлива за вработување на роднини е М-НАВ. Од таму велат дека вработиле вкупно 44 лица, а платите не ги откриваат, само напоменуваат дека се пониски од платите на контролотите на летање во другите земји.

Од Антикорупциска, каде што се смести баџанакот на Талат Џафери, треба да ги разгледуваат сите вработувања каде постојат сомнежи во јавноста за непотизам. Министерот пак Дамјан Манчевски, вработувањата ги правдаше со тврдењето дека членовите на СДСМ биле дискриминирани 10 години и за нив немало работа ниту на приватно ниту на државно.

0 Коментари

Остави коментари