Законот за контрола на опојни дроги - со европско знаменце
Foto

Законот за контрола на опојни дроги - со европско знаменце

Компаниите кои произведуваат канабис ќе може и да го извезуваат. Ова стои во новиот закон за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции, што го предлага министерството за здравство. Законот со кој се овозможува извоз на марихуаната како цвет е доставен до Собранието со европско знаменце.

„Со новиот предлог на закон се омозможува извоз на сув цвет добиен со одгледување на канабисот за медицински цели така што на правните лица одгледувачи на канабисот им е овозможено веќе произведените количини на сув хербален производ како опојна дрога ги пласираат на пазарите во Европа и пошироко при тоа почитувајќи ги меѓународните Конвенции и европското законодавство што ја рагулира материјата.“ - Предлог закон за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции(*)

Од министерството за здравство кои се предлагачи на новиот закон велат дека европско знаменце ставиле поради тоа што содржината на Законот во одредени одредби се усогласува со европската легислатива.

„Ние како членка кандидат за влез во Унијата обврзани сме да извршиме усогласување со европското законодавство. Но исто така како потписник на конвенциите на Обединетите нации кои се однесуваат за контролата на опојни дроги и други психотропни супстанци обврзани сме исто така да ги почитуваме одредбите.“ - велат од Министерство за здравство.

Новиот закон предвидува и формирање на Агенција за контрола на одгледувањето и производството на канабис производи, а за добивање лиценца ќе треба да се обезбеди гаранција од половина милион евра, како и најмалку пет вработени.

Владата досега дала согласност на дваесет и девет фирми за одгледување на канабис за медицински цели, а од министерството за здравство тврдат дека интересот за инвестирање во земјава расте поради поволната бизнис клима како и ефтината работна сила.

Две од лиценцираните фирми се на семејството на Премиерот Заев. Токму поради фактот што лиценците ги издава Владата, на чие чело е Зоран Заев, дел од конкурентите на фирмите на Заеви во бизнисот со канабисот реагираат на блиските релации и судирот на интереси.

Но интерес за бизнисот со канабис има и кај странци кои сакаат да инвестираат во земјава. Неодамна средба со премиерот имаше контроверзниот бизнисмен и како што самиот се нарекува крал на канабисот Биг Мајк, за што Владата не информираше ништо, но тој самиот се пофали на својот Инстаграм профил дека Макеоднија ќе ја направел европска супер сила на канабисот“.

0 Коментари

Остави коментари