Законот за извоз на цвет од канабис под лупа на Антикорупциска, бизнисмените и невладините во клинч
Foto

Законот за извоз на цвет од канабис под лупа на Антикорупциска, бизнисмените и невладините во клинч

Што се крие зад новиот  закон за опојни дроги и дозволата за извоз на сув цвет од канабис? Дали се обезбедува терен за богатење на поединци на штета на пациентите или се подобрува  пазарот во корист на државата? Ова ќе го испитува антикорупциската комисија, на иницијатива на невладините организации, потврдија оттаму за Телевизија24.

Бизнисмените пак, денеска излегоа со ултиматум.  Дадоа рок од седум дена, законот кој по многубројните забелешки беше повлечен од собраниска процедура, да се усвои по скратена постапка. Во спротивно најавуваат протести, бидејќи велат трпат загуби, а странските инвеститори велат се осеќаат изманипулирани.

„Многу е зорт значи гори. Сериозно е зорт. Јас не гледам причина зошто да не се дозволи да се извезува свет. Затоа што за некои испитувања, некои медицински истражувања цветот е краен производ. Од тие причини ние го бараме тоа. Тоа ќе биде за некоја држава каде што ги третираат своите болни, краен произвдот. И од тие причини го бараме тоа.“  вели Костадин Дуковски  – Здружението на производители на канабис за медицински цели „Макканабис“.

Невладините организации пак, бараат измени на законот затоа што ваков каков што велат оди само во прилог на неколку моќници. Здружението„Билка“ бара средба со надлежните за спорните членови, а во меѓувреме собира и потписи за декрминализација на канабисот за лична употреба.

„Законот наместо да ја ослободи билката е многу порестриктивен од претходниот затоа што ја исклучува конкуренцијата на помалите фирми, со тоа што се бара банкарска гаранција од 500 000 евра, што значи дека само неколку фирми ќе можат да се занимаваат со ова. Се бара банкарска гаранција како да станува збор за основање на банка, што е нонсенс.“ - вели Џон Илија Апелгрен – претседател на Здружението за канабис и зелени политики „БИЛКА“.

Првиот човек на министерството за здравство кој е предлагач на законот Венко Филипче тврди дека законот е по европски стандарди и дека од него најголема корист ќе има државата, затоа што 10 отсто од сумата од извозот на фирмите ќе оди во државниот буџет. Очекува наскоро пак да влезе во собрание, но да се организира и јавна расправа.

Додека сите страни не најдат заеднички јазик, активистите потенцираат дека најоштетени остануваат пациентите, кои поради недостигот на понуда и квалитет - купуваат производи од канабис за медицински цели -но, на црниот пазар.

0 Коментари

Остави коментари