Захарова: Русија загрижена заради состојбата во Косово
Foto

Захарова: Русија загрижена заради состојбата во Косово

Русија е загрижена поради зголемената тензија во Косово, предизвикана од неодговорните постапки на Приштина, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

– Очигледно е дека настаните се развиваат според сценарио од лошо кон полошо, истакна Захарова во коментарот објавен на веб страницата на руското МНР.

Таа посочи дека формирањето на Заедницата на српски општини (ЗСО), замислено како начин да се гарантира почитување на правата и интересите на косовските Срби, останува „мртва буква на хартија“ поради саботажа на Приштина.

Захарова оцени дека Приштина сака да воспостави целосна контрола на територијата на целата провинција, со помош на репресивниот апарат на самопрогласената косовска „држава“.

Таа смета дека постапките на Приштина не наидуваат на соодветна оценка или опомена во Брисел, кој е овластен да помогне во потрага по решение за проблемот меѓу Белград и Приштина, како ни во Вашингтон.

Според неа, силите на НАТО во Косово и Мисијата на ЕУ за владеење на правото ги имаат неопходните мандати за да го спречат беззаконието, и затоа носат целосна одговорност за заштита на цивилите, обезбедувајќи мир и безбедност.

0 Коментари

Остави коментари