Закани за семејството на Митко Јанчев – полицијата го истражува случајот
Foto

Закани за семејството на Митко Јанчев – полицијата го истражува случајот

Семејството Јанчеви под смртни закани. Митко Јанчев и неговата сопруга вчеравечер добиле закани по телефон да не присуствува во емисијата Отворено на телевизија 24 по што тој одлучил да остане со семејството и да не дојде од Кавадрци во Скопје. Јанчев вели дека континуирано добива закани и по социјалните мрежи, но сега заканите почнале да пристигаат на приватните телефонски броеви на сопругата. Поранешниот потпретседател на ВМРО ДПМНЕ и актуелен градоначалник на Кавадарци ова го образложи телефонски во текот на емисијата.

„Последниот месец дена константно добиваме закани на „Фејсбук“ и по СМС. Меѓутоа денеска добивме закана по телефон на мојата сопруга и тоа беше причината да сакам да останам вечерва со семејството. Сум разговарал за ова со Мицкоски и сега пред 5 минути, тој ме уверува дека не е од негова страна и од страна на ВМРО-ДПМНЕ и би сакал да верувам во тоа. Би сакал моето семејство да може да функционира нормално“, вели Митко Јанчев – поранешен потпретседател на ВМРО ДПМНЕ (30.10.2018)

Закани на сметка на кавадаречкиот градоначалик пристигаат од средината на септември кога тој кажа дека ќе гласа на референдумот, а по некое време и дека би гласал за уставни измени доколку би бил пратеник. Кратко потоа беше разрешен од функциите во партијата поради различните ставови со раководството. Јанчев за заканите веќе има пријавено во министерството за внатрешни работи.

„Врз основа на направена безбедносна проценка се преземаат соодветни мерки во врска со тоа. За сите лица кои добиваат закани се преземаат мерки и активности од страна на МВР. Министерството за внатрешни работи ја гарантира безбедноста на сите граѓани и презема соодветни мерки за тоа“ - МВР. 

Со закани се соочуваат и дел од пратениците кои гласаа за почеток на уставни измени. Од ВМРО ДПМНЕ велат дека за сите закани треба да реагираат надлежните институции, од МВР пак информираат дека во изминатите десетина дена се поднесени четири кривични пријави поради закани на социјалните мрежи кон пратеници, а во постапка се уште неколку други. Вчера во емисијата Отворено и пратеничката Даниела Рангелова се пожали дека секојдневно добива закани поради разликите во ставовите со раководстсвото на матичната партија. И таа рече дека сите закани ги пријавува во МВР.

0 Коментари

Остави коментари