Заев за ФАЦ: Груевски избегал скриен во багажник
Foto

Заев за ФАЦ: Груевски избегал скриен во багажник

Од лифт директно во гаража, потоа во багажник од автомобил со кој избегал во Албанија каде го чекало унгарско дипломатско возило- ова била траекторијата на бегството на екс премиерот Никола Груевски – вели премиерот Зоран Заев во интервју за германски весник “Франкфуртер алгемајне цајтунг”. 

На прашањето зошто потрагата по Груевски започнала дури во понеделник, иако уште во изминатиот петок тој требало да се пријави на отслужување на затворската казна Заев истакнува дека такви се правилата за осудениците.

„Во земјата вообичаено е криминалците кои се повикани во петок за отслужување на затворска казна, викендот да го поминат дома. Не можевме тоа да го смениме само за Груевски“, објаснува Заев.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски,  во емисијата “24 Отворено”  ја отфрли одговорноста од ресорот и потсети дека МВР навреме испратило до соодветните институции службена белешка како индикатор за опасност од бегство на Груевски, откако тој почнал да вади кеш од банкарските сметки.

Снимки од граничните премини на македонско-албанската граница нема. Јавниот обвинител Љубомир Јовески на 29 јануари кажа дека не е постапено по барањето за меѓународна правна помош од безбедносните служби на Албанија и дека снимките од безбедносните камери во врска со бегството Груевски од Албанија не се обезбедени. Камерите на унгарските новинари го уловија на  средба со заменик државниот секретар во унгарското МНР, Иштван Јо. Потоа беше снимен и во друштво на брод на Дунав.

Груевски беше осуден на затворска казна од две години за набавката на луксузниот „мерцедес“, а обвинет е уште во четири случаи на СЈО, во предметите „Насилство во Центар“, „ТНТ“, „Траекторија“ и „Титаник“.

0 Коментари

Остави коментари