Заев се сретна со Сореиде: Поддршка за интеграциите и за политичкото лидерство!
Foto

Заев се сретна со Сореиде: Поддршка за интеграциите и за политичкото лидерство!

Премиерот Зоран Заев, придружуван од заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски и министерот без ресор задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми, денеска се сретна со Ине Ериксен Сореиде, министерка за надворешни работи на Кралството Норвешка, придружувана од Арне Санес Бјорнстад, амбасадор на Кралството Норвешка за Република Северна Македонија.

На средбата била изразена силна поддршка за покажаното политичко лидерство во нашата држава што е посочено како добар пример и за целиот регион и како значаен придонес во стабилизацијата и безбедноста на регионот.  

Констатирано е дека со храбрите политики и политиките на дијалог и пријателство со соседите од страна на премиерот Заев и на државата, отворени се претходно блокираните перспективи на Република Северна Македонија во интеграциите.

-Благодарни сме за големата поддршка на нашиот искрен пријател, Кралството Норвешка, за принципиелната улога во процесот на надминување на политичката криза во државата и за поддршката во интеграциските процеси и во реализацијата на членството во НАТО. Денес, Република Северна Македонија е земја со НАТО и ЕУ перспективи, реформите ги носиме во дијалог со сите засегнати страни и со опозицијата, имаме рекорден број на странски инвестиции, пораст на платите, намалување на невработеноста. Покажавме со договорите со соседите, посебно со Преспанскиот договор, како се можни, низ искрен дијалог, решенија на чувствителните билатерални прашања и продолжуваме да имаме конструктивна и стабилизирачка улога во регионот. Гледаме можности до крајот на годината да станеме 30. земја членка на НАТО, во октомври да добиеме датум за почеток на преговорите со ЕУ и 2019 година да ја завршиме и како успешна економска година и на сето ова сериозно сме посветени во политичките чекори, рече премиерот Заев.

На средбата беа потврдени добрите пријателски односи помеѓу Република Северна Македонија и Кралството Норвешка, констатирано е дека Норвешка и досега многу и помага на државава во значајни проекти за граѓаните, како во делот на животната средина и во таа насока се разгледани можностите за унапредување на соработката во повеќе области, меѓу кои и животната средина и одбраната.

0 Коментари

Остави коментари