ЗАЕВ И МИЦКОСКИ НА ЛИДЕРСКА ЌЕ БАРААТ РЕШЕНИЕ ЗА ЗАКОНОТ ЗА ЈО
Foto

ЗАЕВ И МИЦКОСКИ НА ЛИДЕРСКА ЌЕ БАРААТ РЕШЕНИЕ ЗА ЗАКОНОТ ЗА ЈО

Ден Д за законот за Јавно обвинителство – кој со месеци седи заглавен кај преговарачките тимови на Власта и опозицијата. Заев и Мицкоски подготвени да најдат заедничко решение – албанскиот политички блок со поделени ставови.

Преговорите за Законот за ЈО, со кој треба да се реши и судбината на СЈО, заглавиле околу „бомбите“ - суштината е дали прислушуваните материјали ќе се користат како доказ или не - тврди премиерот Зоран Заев пред лидерската на која со првиот опозиционер треба да ги приближат црвените линии за законот.

Според Заев суштинско прашање не е барањето на опозицијата во врска со постапувањето по предметите на СЈО по 30 јуни 2017 година, туку дали „бомбите“ ќе се користат како доказ или не. За барањето за предвремени парламентарни избори на лидерска – Заев вели легитимно е опозицијата да бара, но сега има поважни работи од избори.

– „Суштината според мене е дали бомбите ќе се користат како доказ или не, затоа што Уставот член 16, 17 и 18 од Кривичниот законик вели – кривично дело за кое што постојат индиции и аргументи не може да не се гони, насекаде во свет се гони. Ако не го гони СЈО, ќе го гони друго обвинителство. Надлежен орган за тоа е јавнообвинителскиот систем во државата и тука нема дали Заев, Мицкоски, СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ нешто сакаат или не сакаат. Апсолутно, прашањето е доказите – дали бомбите ќе се користат како докази затоа што сите тие се индиции на крајот на денот.“ - Зоран Заев – премиер.

ВМРО-ДПМНЕ не отстапува – Мицкоски ќе побара од Заев и распишување на предвремени парламентарни избори. Очекуваат нивните предлози за Законот да бидат ставени на маса и да бидат прифатени од власта.

- „Очекуваме да се почитуваат, односно да се прифатат сите наши забелешки, предлози за Законот за јавно обвинителство, кои што до сега неколкупати сме ги обзнаниле јавно. И очекуваме да бидат прифатени и очекуваме конечно во Република Македонија да биде донесен Закон преку кој што ќе завладее правото и правдата, и ќе биде во интерес на сите граѓани за конечно да прекине целата апатија што во моментов ни се случува“. - Димче Арсовски – протпарол ВМРО-ДПМНЕ.

На форматот на средбата реагираа од Алијанса за Албанците. Од партијата велат остануваат на ставот - најдобро решение би било заедничка политичка маса на сите политички сили во земјата.

- „Досега имало две групи кои работеле на законото за Јавно обвинителство сочинети со членови на Владата без да бидат вклучени албанските партии. Јавно прашуваме кој им дал право на премиерот Заев и лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицковски да ги исклучат или да не ги поканат лидерите од албанскиот политички блок. Ниту Заев ниту Мицкоски не можат да одлучувуваат за судбината на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) кое некогаш беше донесено со политички и етнички консензус иницирано од меѓународниот фактор.“ - Флакрон Беџети – Алијанса за албанците.

Коалициониот партнер на СДСМ – ДУИ утрово пак порача дека се дистанцираат од секакво политичко мешање во одлуките на институциите кои го спроведуваат законот и смеат дека неселективната правда и владеењето на правото ќе се обезбеди со добро спроведен ветинг. Од вечерашниот исход ќе зависи кога ќе се одржи продолженето на комисиската, но и пленарната седница за Законот за ЈО, како и седницата за разрешување на специјалната обвинителка Катица Јанева, која мора да биде разрешена најдоцна до 15 септември – вели првиот човек на Собранието Талат Џафери. Доколку вечерва има договор според Џафери седници би можело да се закажат уште утре.

Предметите на СЈО, тимот на Катица Јанева, но и кој да седне на чело на новото обвинителство - Заев и Мицкоски вечерва треба да ги договорат клучните прашања околу законското решение, за кои договор не успеаја да постигнат преговарачките тимови.

0 Коментари

Остави коментари