Заев: ЕУ има проблем, но ние не се откажуваме и ќе бараме решение
Foto

Заев: ЕУ има проблем, но ние не се откажуваме и ќе бараме решение

Денес Европа има проблем. Големата, визионерската идеја за обединета Европа денес има проблем. А проблемот е самата ЕУ. Брисел ни порача дека ЕУ не успеа да најде начин да ја обезбеди заслужената интеграција на Западен Балкан. Е тоа е проблемот. Тоа што 26 земји членки на ЕУ не успеваат да спречат блокада на една земја членка тоа е проблем на Европа предизвикан од самата ЕУ, истакна премиерот Зоран Заев на заедничката прес-конференција со неговиуот албански колега Еди Рама на првиот Економски форум во Скопје.

- Но, ние не сме сами и нема да бидеме сами ниту изолирани. Нашиот народ, македонскиот народ и албанскиот народ пред себе имаат ист пат. Имаме иста визија, исти вредности, тоа се европските вредности, а не политиките на ѕидови и поделби. Ние не запираме, а знам дека на овој пат со нас се и Србија, Црна Гора, Косово, БиХ. Ние сме Европа без разлика дали ЕУ ќе успее да ги тргне блокадите или не. Нашите народи и влади среде Балкан демонстрираат европски манири. Забрзано ги тргаме пречките и границите меѓу нас, за граѓаните, услугите и стоките да ни се движат слободно. Имаме заеднички идеи, предизвици и култури со нашите братски народи од регионот. И тука сме со премиерот Рама да најавиме дека ќе си ги зближиме уште повеќе народите, порача Заев.  

Тој упати порака до домашните и за европските граѓани и политичари - дека „алармот е вклучен, суштината и вредностите на ЕУ се доведени во прашање“.  

- Европските вредности се заеднички за земјите од ЕУ, но и за земјите кандидати за членство кои ги прифаќаат и ги развиваат. И еве денеска тие вредности се афирмираат од Западен Балкан - инклузивноста, мобилноста, толеранцијата, правдата, солидарноста. Треба да знаат сите од ЕУ кои овие вредности ги прифатија и ги промовираат како составен дел од европскиот начин на живот дека никој и со ниту еден акт не смее да ги доведе во прашање човечкото достоинство, еднаквоста и солидарноста, владеењето на правото, човековите права, рече Заев.  

Потсети дека минатата недела со делегација на Владата беше во Софија, како што наведе, со отворено срце и подадена рака за решение и со подготвеност за исчекор во позитивна насока со Република Бугарија. Претходно, во Софија беше и премиерот Рама.

- Но, иако направивме заеднички позитивен исчекор, за жал и покрај јасните и недвосмислени пораки од целата меѓународна заедница дека сега, сега е моментот да се најдат сили за пробив, бугарските колеги не успеаја да соберат доволно сила да одобрат почеток на преговорите на Северна Македонија и на Албанија со ЕУ.  Без разлика колку бевме свесни и воздржани во очекувањата, одлуката на ЕУ да не ја закаже првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија сепак е големо разочарување. Но, и огромен неуспех за политиката на ЕУ за проширувањето и лоша порака за целиот регион.  Гласот на Бугарија да не ја одобри преговарачката рамка наспроти едногласниот став на сите останати 26 земји членки сметаме дека не е во духот на добрососедските односи, нагласи Заев.

Уше еднаш ја повтори позицијата дека европските интеграции не смеат да бидат заложник на билатералните прашања.

- Преговорите со ЕУ не смеат да се претворат во преговори со Бугарија. Нашиот напредок во ЕУ-интеграциите првенствено треба да зависи од домашните реформи врзани со поглавјата, законодавството на ЕУ и постигнување на европските стандарди.  Токму затоа сметаме дека во преговорите или во рамката не треба да се внесуваат билатерални прашања. Тоа е опасен преседан и тоа е став кој го делат сите останати земји членки на ЕУ. Македонскиот национален идентитет едноставно е невозможно да биде предмет на преговори. Покажавме храброст и искрена волја за решавање на билатералните односи преку заемно почитување и заштита на националното достоинство, рече Заев.  

Посочи дека Северна Македонија стана 30-та полноправна членка на НАТО, седна на масата со најмоќните земји на чело со САД, а во Алијансата е партнер со Албанија, но и со Бугарија и со Грција и со останатите земји членки.

Но, истакна Заев, за Скопје и за Тирана, Европа останува единствената алтернатива и стратешка национална цел за која вложуваат искрени напори.

- За нас европските вредности се светост колку и самата ЕУ да не успее да ги одбрани. ЕУ нема ексклузивитет врз Европа. Европските лидери мора сериозно да земат предвид дека бескрајните и повторувачки разочарувања неминовно им ја отвораат вратата и ги охрабруваат евроскептицистите. Токму затоа ЕУ мора да изнајде формула како да го одржи зборот и да го продолжи проширувањето на Западен Балкан. Се уште му даваме шанса на процесот и остануваме посветени на нашата стратешка цел - членство во ЕУ и целосна имплементација на европските вредности и стандарди во Република Северна  Македонија и Република Албанија. Имам уште една порака. Тие што ме знаат добро знаат дека не се откажувам, а тие што не ме знаат нека знаат дека не се откажувам. Ќе одам во Софија повторно и повторно и повторно и ќе барам решение. И ние во таа цел ќе успееме. Северна Македонија е Европа. Албанија е Европа. Балканот е Европа, порача премиерот Зоран Заев на заедничката прес-конференција со претседателот на Владата на Албанија Еди Рама.

0 Коментари

Остави коментари