Забранети слогани против Скопје на воената парада во Атина
Foto

Забранети слогани против Скопје на воената парада во Атина

Со голема воена парада во Атина, на која беше забранета паролата “Македонија е грчка“, се одбележа денот на независноста на Грција, без инциденти како претходните години. „Македонија молчи“, гласеше коментарот во грчките медиуми, откако на студентската парада, која ѝ претходеше на воената, беше забрането да се изведува националистичкиот марш „Славна Македонија“. Со постигнувањето на Преспанскиот договор, воениот врв најави дека ќе бидат санкционирани какви било ициденти. Властите презедоа и дополнителни мерки на плоштадот „Синтагма“ во Атина од каде се отстрануваа сите што сакаа да протестираат против Преспанскиот договор или да извикуваат дека „Македонија е грчка“. На парадата во Солун, пак се слушаа извици од публиката „Македонија е Грчка“.

Грција ја поддржува европската перспектива на Северна Македонија, но потребно е целосно почитување на меѓународното право и правилна имплементација на Договорот од Преспа, во спротивно ќе биде блокирана нејзината европска перспектива, вели грчкиот претседател Прокопис Павлопулос, во честитката по повод националниот празник на Грција, 25 март.

„Што се однесува на Република Северна Македонија, ја поддржуваме нејзината европска перспектива. Но, предуслов за оваа перспектива, од нејзина страна е целосно и искрено почитување на европското законодавство во целост, со тоа и меѓународното право во целост, а пред сè Договорот од Преспа, што мора да се толкува и да се имплементира, според неговата содржина и духот, на начин што не остава ниту трага од иредентизам“. - изјави Павлопулос.

Залудно троши бензин и керозин и порача на Турција грчкиот премиер Алексис Ципрас откако турски воени авиони го попречиле патот на хеликоптерот со кој патувал кон островот Агатониси каде што учествуваше на прославата на националниот ден.

„Грција денес е сила која не е агресивна, туку сила на мирот и соработката во Источниот Медитеран и Балканот“. - изјави Ципрас.

А, бугарскиот патријарх Неофит изјави дека Бугарската православна црква ќе продолжи да помага за решавање на статусот на македонската црква.

„Ќе направиме сè што е неопходно, со Божја помош, радоста на нашите браќа од Македонија да биде целосна“. - изјави патријарх Неофит.

За односите меѓу двете цркви Неофит вели дека важно било да се утврди името на државата и дека верува оти постепено ќе се реши и другото прашање.

0 Коментари

Остави коментари