За здравството во 2020 година предвидени 7,1 милијарда денари
Foto

За здравството во 2020 година предвидени 7,1 милијарда денари

Предлог-буџетот на Министерството за здравство за 2020 година изнесува 7,1 милијарда денари, и е зголемен за 634 милиони денари споредено со буџетот за годинава. За наредната година предвидуваме мерки и политики кои се во насока на унапредување и зајакнување на здравствениот систем преку подобрување на условите во јавните здравствени установи, набавка на медицинска опрема, како и обезбедување лекови, истакна денеска министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција во Владата.

Тој посочи дека годинава ја почнале со зголемување на платите на здравствените работници, а овој тренд на зголемување на платите и подобрување на условите за работа на медицинскиот персонал ќе продолжи и идната година.

– Во изминативе две години вкупното зголемување на основната плата на лекар специјалист е 40 отсто, на медицинска сестра 20 отсто, односно 23 отсто, 40 отсто на наставниот кадар, 25 отсто на општите лекари и 15 отсто на сите здравствени соработници. Со зголемување на сумата пари за дежурства, односно ноќен труд има здравствени работници, лекари специјалисти кои имаат двојно поголеми плати во однос на 2017 година, рече Филипче.

Во 2020 година, потенцира министерот, биле завршени градежните активности за реконструкција на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“ во Охрид, а продолжиле и градежните активности во Општата болница во Струмица, како и реконструкцијата и доградбата на Специјалната болница по хирушки болести „Св.Наум Охридски“ во Скопје.

Како следни приоритети тој ги наведе реконструкцијата на котларата во Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Скопје и на покривот на Заводот за нефрологија во Струга, потоа почетокот на градежните активности во Специјалната болница за респираторни болести во Отешево, изградбата на целосно нова амбуланта во општината Сарај и целосно два нови блока за болните во Психијатриската болница во Демир Хисар, како и реконструкции на повеќе јавни здравствени установи, а со средствата во износ од 812 милиони денари ќе продолжи изградбата на новата Клиничка болница во Штип и новиот Универзитетски клинички центар во Скопје. 

– За 2020 година предвидена е и набавка на медицинска опрема за јавните здравствени установи во државава. Завршени се постапките за набавка на медицинска опрема на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија и апарат за компјутерска томографија за болницата во Струга и за оваа намена за следната година се предвидени 268 милиони денари. Значајно го зголемивме буџетот за ретките болести, првпат го обезбедивме лекот спинраза, пет нови лекови за пациентите со болеста Гоше, за посебни форми на леукемија, пулмонална фиброза и пулмонална хипертензија и буџетот за оваа ставка за 2020 година ќе изнесува 527 милиони денари, рече Филипче.

Со Предлог-буџетот за 2020 година, посочи министерот, ќе бидат обебзедени и инсулин, инсулински игли, глукагон, ленти за мерење шеќер и пумпи за континуирано снабдување на инсулин, за што се предвидени 750 милиони денари.

Филипче нагласи дека обезбедуваат и вакцини за континуирана имунизација и по епидемиолошки индикации, додавајќи дека согласно новововедените вакцини против рота вирусот и пневмокок и зголемените количини на МРП вакцината заради големиот број вакцинирани, за следната година се предвидени 395 милиони денари. 

– Со програмата за целосно здравствено осигурување е покриено здравственото осигурување на сите граѓани кои не се осигурани по ниту еден друг основ и за таа цел ставката во Министерството за здравство за 2020 година изнесува 2,9 милијарди денари. Се грижиме и за пензионерите. Покрај укинувањето на квотите за лекови на рецепт и обезбедувањето лекови во кој било ден од месецот, во 2020 година продолжуваме и со обезбедување на болничкото лекување без наплата на партиципација за сите пензионери кои имаат пензија пониска од просечната и партиципација за лицата под 18 години, но и нивните родители, чии семејства се корисници на социјална парична помош. За таа намена се одвоени 89,4 милиони денари, додаде Филипче.

0 Коментари

Остави коментари