Вучиќ: Оставката на Харадинај е политички трик, ќе се врати за 48 часа
Foto

Вучиќ: Оставката на Харадинај е политички трик, ќе се врати за 48 часа

Смирено, одмерено, трезвено и без каква било еуфорија, ваква мора да биде реакцијата на Србија во однос на случувањата во Приштина, порача во денешното обраќање српскиот претседател Александар Вучиќ, оценувајќи дека оставката на премиерот на Косово, Рамуш Харадинај е политички трик дека тој ќе се врати од Хаг за 48 часа. Харадинај вчера поднесе неотповиклива оставка од премиерската функција, а како причина ја наведе добиената покана од Специјалниот суд како осомничен, по штоследуваше обраќањето на Вучиќ.

„Ја разбираме радоста, не сакам да кажам еден вид задоволство поради тоа што Харадинај е повикан во Хаг. Сметам дека нема причина за еуфорија бидејќи ги согледуваме сите факти и последици по тој чин. Харадинај ќе биде пуштен за 48 часа и ќе се врати како голем албански херој, неговата популарност ќе се зголеми. Сето ова е политички трик.“ - изјави Александар Вучиќ – претседател на Србија.

Вучиќ смета дека Харадинај сака да добие што поголема популарност со цел да ги прегази неговите политички противници. Тоа според него доведува до се поекстремни ставови на Албанците на Косово, во чии очи, Харадинај станува јунак кој се бори за единствено и целосно Косово. Токму затоа, нагласи Вучиќ во обраќањето, Србија ќе посвети уште поголемо внимание на опстанокот и безбедноста на српскиот народ на Косово.

По Харадинај, повик од Специјалниот суд за воени злосторства во Хаг во својство на осомничен денеска доби и поранешниот претседател на косовското Собрание и портпарол на Ослободителната војска на Косово, Јакуп Красниќи кој треба да се јави на 24 јули. Информацијата ја потврди самиот Красниќи. 

„Несреќа и своевидна иронија е тоа што наместо Србија да се соочи со правдата за злосторствата против човештвото и за геноцидот, ние треба да се браниме од нејзините измислени обвиненија. Наместо да се судат аргументите и доказите кои се неспорни и кои ги знае цел свет, правдата се занимава со ниски измислици и невистини на српската политика и на нејзините тајни служби.“ - изјави Јакуп Красниќи.

Денеска со своја реакција се произнесе и Стејт департментот, кој преку соопштение наведува дека САД ја поздравува одлуката на Рамуш Харадинај да соработува со Специјалното обвинителство за злосторствата на ОВК во Хаг.

0 Коментари

Остави коментари