Вучиќ: Балканот не се откажува од ЕУ, но мораме повеќе да се свртиме кон себе
Foto

Вучиќ: Балканот не се откажува од ЕУ, но мораме повеќе да се свртиме кон себе

Српскиот претседател, Александар Вучиќ, по прошталната вечера со лидерите од Западен Балкан и Федерика Могерини, порача дека стратешката определба за ЕУ останува, но дека регионот треба „повеќе да се сврти кон себе““, откако Унијата одлучи да го стави на пауза проширувањето, јави дописничката од Брисел на МИА.

– Србија и другите земји од Западен Балкан продолжуваат по европскиот пат и ние се надеваме дека еден ден ќе станеме членки на ЕУ, она што е важно да се каже е дека добро ги разбираме поместувањата внатре во ЕУ, дека не е секогаш фер кога се менуваат правилата во текот на играта, но мораме да се навикнеме, ние сме мали, тие се големи и мораме согласно со тоа да се однесуваме, наведе Вучиќ по средбата во Брисел.

Тој истакна дека е важно регионот да соработува поинтензивно меѓу себе, да ги отстрани бариерите и да ги сочува мирот и стабилноста.

– Сѐ што се случуваше вечерва би поделил на два дела: односите кон ЕУ и нашите односи на сите нас на Балканот, колку што се сите песимисти за првото, а цврсто определени да одат кон ЕУ, толку има повеќе оптимизам за второто, за полесен проток на стоки, услуги, луѓе и еден ден се надевам и капитал, мислам дека можеме да го издејствуваме тоа, изјави српскиот претседател.

Вучиќ се осврна на важноста да се гледа на соседите како на сојузници, а не како ривали.

– Треба да разбереме дека како блок можеме да добиеме многу повеќе отколку што беше случај до сега, додаде тој и истакна дека стратешката определба за влез во ЕУ не се менува, но дека регионот тактички треба да се прилагоди на промените во ЕУ и да се однесува „паметно и одговорно“.

0 Коментари

Остави коментари