Врз огромни ѕидови во Прилеп беа откриени мурали на Блаже Конески и Стале Попов
Foto

Врз огромни ѕидови во Прилеп беа откриени мурали на Блаже Конески и Стале Попов

Врз огромни ѕидови во центарот на Прилеп беа претставени два мурала, на коишто се насликани великаните Блаже Конески и Стале Попов.

Впечатливите мурали деноноќно ги создаваа академските ликовни уметници Сања Јездиќ, Ферди Булут и Александар Џинго, во координација на Центарот за современа ликовна уметност од Прилеп. 

Муралите се подготвени како дел од проект „Уличната уметност, можност за реактуализација и презентација на дејноста и делата на нашите истакнати домашни дејци – поетот и лингвист Блаже Конески и писателот-романописец Стале Попов“ во организација на филмската продукција „Дрим фактори“, поддржан од македонската Влада.

Од ЦСЛУ велат дека ова е дел од уличната уметност, преку која се постигнува автентичност и обележје на многу градови и која живее и во виртуелните заедници, виртуелните јавни дискурси и неодамна стана предмет на присвојување од популарната култура и главната симболика на светската современа ликовна уметност.

Муралот на кодификаторот на македонскиот јазик, поет и лингвист, Блаже Конески е насликан на ѕидот од некогашниот хотел „Скопје“, во центарот на Прилеп, во близина на Участакот, а додека пак, муралот со ликот на романописецот и писател, прилепчанецот Стале Попов е спроти општинската зграда, врз објектот на Одделението за имотно-правни работи во Прилеп.

Проектот опфаќа изработка на два ѕидни мурали на уникатно избрани локации и два кратки докуметарни филмови и видеа за промоција и презентација на дејноста и делата на Конески и Попов, како дел од избраните проекти на јавниот повик за финансиска поддршка за индустријата и операторите за организација на настани по повод 30 години од државноста.

0 Коментари

Остави коментари