Врховен суд: Томор Морина нема да биде екстрадиран во Србија
Foto

Врховен суд: Томор Морина нема да биде екстрадиран во Србија

Врховниот суд одлучи, Томор Морина, поранешниот командант на ослободителната војска на косово,нема да ѝ биде испорачан на Србија, која го сомничи за воени злосторства. Од судот велат дека не се исполнети законските претпоставки за екстрадиција...Во образложението е наведено и дека Морина е државјанин на Косово и на Велика Британија, а не на Србија и дека кривичното дело за кое е обвинет е извршено на територијата на Република Косово, управувано од Обединетите нации.

„Овој суд се согласува со оценката на Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот кривичен суд Скопје дека не се исполнети законските претпоставки за екстрадиција на лицето Т.М.предвидени со одредбите од Европската конвенција за екстрадиција и дополнителните протоколи, Договорот склучен помеѓу Република Македонија и Република Србија за екстрадиција, како и член 52 од Законот за меѓународна соработка во кривичната материја, затоа што тој не е државјанин на Р.С., која е држава молител, туку на Р.К., а впрочем и кривичното дело за кое се бара екстрадиција е сторено на територијата на Р.К.во 1999 година.“ - се наведува во соопштението од Врховниот суд.

Веднаш откако врховниот суд ја потврди одлуката, кривичниот суд ја укина мерката притвор и определи мерка за претпазливост. На Морина му е одземена патната исправа и други документи за преминување на државна граница.

Телевизија 24 ја контактираше српската амбасада во Македонија. Од таму велат дека ќе го почекаат официјалното известување од министерството за правда пред да се произнесат. Српската министерка за правда, Нела Кубуровиќ вели дека со ваквата одлука уште еднаш се покажало дека политиката е над правото и правдата.

„Ова е голем срам за меѓународното право, но е уште поголем удар и голема тага за семејствата на жртвите, кои со децении чекаат правда за своите најблиски. Иако до властите на Северна Македонија беа доставени сите потребни докази, беше донесена одлука која е спротивна на вистината и фактите.“ - изјави Кубуровиќ.

А косовскиот министер за надворешни работи, Беџет Пацоли, изрази благодарност до македонските власти за одлуката.

Среќен сум што судовите на Северна Македонија донесоа одлука да го ослободат Томор Морина и да го одбијат српското барање за екстрадиција. Благодарен сум на властите на Северна Македонија за принципиелната одлука донесена по ова прашање и за соработката што ја имавме во решавањето на ова прашање.“ - изјави Пацоли.

Поранешниот припадник на ОВК, беше уапсен на 24 јули на граничниот премин Блаце. Тој беше задржан неколку недели во затворот Шутка, врз основа на потерницата на интерпол издадена од Србија која го сомничи за воени злосторства за време на конфликтот од 1999-та година.

0 Коментари

Остави коментари